СО НОВИОТ ПЛАН ЗА МАЛ РИНГ, „ШПАНСКИ СКАЛИ“ И МАЈКА ТЕРЕЗА ДА СЕ ИЗБРИШАТ, СПОМЕНИЦИТЕ ДА СЕ ДИСЛОЦИРААТ, БАРА РАБОТНАТА ГРУПА ЗА „СКОПЈЕ 2014“

    СО НОВИОТ ПЛАН ЗА МАЛ РИНГ, „ШПАНСКИ СКАЛИ“ И МАЈКА ТЕРЕЗА ДА СЕ ИЗБРИШАТ, СПОМЕНИЦИТЕ ДА СЕ ДИСЛОЦИРААТ, БАРА РАБОТНАТА ГРУПА ЗА „СКОПЈЕ 2014“Според членовите на Работната група, со измените на планот Мал ринг предложени од раководството на Општина Центар предводено од градоначалникот Саша Богдановиќ не се расчистува со проектот „Скопје 2014“ туку му се дава легитимитет. (Фото: СДК.МК)

    Низа забелешки се поднесени на јавната анкета за Деталниот урбанистички план за Мал Ринг од Работната група за справување со проектот „Скопје 2014“ која беше формирана од Владата на СДСМ по доаѓањето на власт во 2017 година.

    Според членовите на Работната група, со измените на планот предложени од раководството на Општина Центар предводено од градоначалникот Саша Богдановиќ не се расчистуваа со проектот „Скопје 2014“ туку му се дава легитимитет. Од работната група бараат маркичките за објектот „Шпански скали“ да се избришат,  Мајка Тереза и Портата да се урнат, а сите спомениците да се прикажат во планот дека постојат и во него да се предложат мерки за нивна дислокација. Исто така, се бара на фасадите на дел од зградите во централното градско подрачје кои добија барок изглед да им се врати претходната фасада и да се отстранат галиите во Вардар.

    „Наодите до кои е дојдена Работната група, покажуваат дека во сите случаи се работи за тешко прекршување практично на сите позитивни закони што ја уредуваат материјата на подигање на споменици, законите за буџет и јавни набавки, како и законите за просторно и урбанистичко планирање и градење. Во Предлог-детален урбанистички план Градска четврт Ц 01 – Мал Ринг 1, Општина Центар – Скопје, плански период 2019-2024, не постои ниту трага од спомениците, дури ниту во геодетската подлога врз којашто графичките прилози на планот се вцртани, поради што во планот не постојат ниту плански одредби и мерки за решавање на проблемот на незаконските споменици и други градби од т. н. проект ‘Скопје 2014’. Од друга страна, со невцртувањето на постојни градби и споменици во предлог-планот тој станува спротивен на законот, како да е правен на неажурирана геодетска подлога“, велат од Работната група за справување со проектот „Скопје 2014“.

    Членовите велат дека во предлог-планот не постојат мерки за враќање на просторот во рамки на со закон утврдениот статус на земјиште за општа употреба, туку со него некои од спомениците се легитимираат така што им се потврдува незаконски формираната градежна парцела на земјиште за општа употреба и со планот им се даваат услови за градење. Со тоа, како што велат од Работната група, и овој план го претвораат во незаконски акт со кој се нарушува уставноста и владеењето на правото.

    За да биде планот Мал ринг во согласност со Уставот и законите, како и да се отстранат спомениците и објектите од „Скопје 2014“, Работата група ги доставила следниве забелешки до Општина Центар:

    1. Сите споменици што се изградени во планскиот опфат во периодот 2007 – 2016 , како и оние што се во градба, треба да се регистрирани како постојни градби и да бидат во планот нацртани со геодетска линија како дел од постојната состојба и геодетската подлога.

    2. Предметните незаконски споменици треба да бидат нумерирани и обележани како постојни споменици во графичкиот дел од планот, додека во текстуалниот дел од планот, во Општите одредби за спроведување, треба да стојат со број и опис, по кој треба да се формулира општата планска одредба дека со планот се предвидува нивно дислоцирање и доведување на јавните површини во првобитна состојба.

    3. Забелешките од точките 1 и 2 особено се однесуваат на споменикот на Мајка Тереза и Порта Македонија, кои на најбрутален начин се ставени среде сообраќаен коридор, за коишто спротивно на Устав и закон се формирани градежни парцели на сметка и во земјиште за општа употреба – градска. Овие споменици не смеат да бидат со формирана градежна парцела и услови за градење во предлог-планот, туку само со геодетска линија, како постојна состојба.

    4. Под истиот третман мораат да бидат и т. н. „Шпански скали“, со геодетска линија што ја опцртува катастарската парцела на незаконски отуѓената и приватизирана јавна површина. Таму во планот не треба да има ништо друго освен јавна плоштадска површина.

    5. За случаите од точките 3 и 4 од овие забелешки, уредувањето на планските одредби со кои во планот се предвидува враќање на статусот на јавната улична површина и нејзино доведување во првобитна состојба, треба да се помести во текстуалниот дел од планот и во Општите и во Посебните одредби за спроведување на планот.

    6. Галиите во коритото на реката Вардар треба да бидат обележани (со нумерација и опис во легендата) и за нив во Општите одредби за спроведување на планот треба да се одредат плански одредби за нивно отстранување, поради незаконското градење (без хидротехничка студија што ја докажува нивната безбедност) и поради фактот што драматично ја нарушуваат јавната безбедност и ги зголемуваат ризиците од поплавување и разурнување во центарот на градот. Во Општите одредби за спроведување на планот треба да се уредат мерки за ревизија на сите други објекти во коритото на Вардар, незаконски изградени во предметниот период на реализација на „Скопје 2014“ и отстранување на оние што ги зголемуваат ризиците од плавење како и другите што и пречат на основната функција на коритото или на друг начин се спротивни на законот.

    7. Во Општите одредби за спроведување на планот треба да има дел што ќе одреди мерки за враќање на оригиналните фасади на згради што имаат големо значење како културно наследство и високи архитектонски квалитети, како што се зградите на бивша НАМА, ЕВН, МЕПСО.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира