СО ПАРАВАНИ МЕЃУ МАСИТЕ, КАФАНЏИИТЕ СЕ ПОДГОТВУВААТ ДА ПОЧНАТ СО РАБОТА ОД НАРЕДНАТА НЕДЕЛА

    СО ПАРАВАНИ МЕЃУ МАСИТЕ, КАФАНЏИИТЕ СЕ ПОДГОТВУВААТ ДА ПОЧНАТ СО РАБОТА ОД НАРЕДНАТА НЕДЕЛАНа летните тераси се поставуваат маси и столици, согласно препораките за држење на растојание од два метри. Дел од угостителите меѓу масите поставуваат и паравани, со цел да нема контакт меѓу гостите.(Фото: К.Попов)

    Газдите на кафулињата и рестораните се подготвуваат да почнат со работа. Откако министерот за здравство Венко Филипче на вчерашната прес-конференција најави дека од наредната недела угостителските објекти ќе се отворат, денеска низ Скопје вработените ги подготвуваа локалите за повторно отворање.

    Се чистат и дезинфицираат внатрешните простории, а на летните тераси се поставуваат маси и столици, согласно препораките за држење на растојание од два метри. Дел од угостителите меѓу масите поставуваат и паравани, со цел да нема контакт меѓу гостите.

    Како што најави министерот Филипче од наредната недела ќе можат да работат само летните тераси. (Фото: К.Попов)

    „Нема сите веднаш да се вратат на работа. Први ќе се вратат оние кои ќе може да овозможат шалтерски систем, а потоа и оние кои ќе може да работат на отворено. Рестораните и кафулињата ќе почнат да работат на отворено. Во однос на отворањето на градинките, сѐ уште траат консултациите на експертската група и се подготвува посебен протокол, со оглед на тоа дека децата може да бидат трансмисија на коронавирусот. Тие ќе мора да бидат во функција кога сите ќе се вратат на работа“, рече Филипче.

    Владата на 14 март донесе одлука целосно да бидат затворени кафулињата и рестораните за да се спречи понатамошно ширење на коронавирусот. Со цел да им помогне во кризата на угостителите Град Скопје ја намали комуналната такса за закуп на јавен простор од 15 на 5 денари по квадрат за цела 2020 година.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари