СО РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ ОПШТИНА БИТОЛА БАРА ЗА СПОРТСКИТЕ КЛУБОВИ ДА СЕ ИЗДВОЈАТ УШТЕ СКОРО ПОЛА МИЛИОН ЕВРА

    СО РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ ОПШТИНА БИТОЛА БАРА ЗА СПОРТСКИТЕ КЛУБОВИ ДА СЕ ИЗДВОЈАТ УШТЕ СКОРО ПОЛА МИЛИОН ЕВРАСе бараат скоро онолку средства колку што годинава за спорт биле веќе потрошени, што значи промашување во планирањето на буџетот за спорт од скоро сто проценти. (Фото: СДК.МК)

    Дополнителни 30 милиони денари (над 491 илјада евра) да се издвојат за спорт бара Општина Битола со ребалансот на буџетот за 2023 година, за што денес се води жестока расправа во битолскиот Совет. Преглагач на ребалансот е градоначалникот Тони Коњановски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека тие средства се потребни за трите професионални клубови, фудбалскиот, кошаркарскиот и ракоментниот „Пелистер“ каде Општината е целосен или малцински сопственик, да можат успешно да влезат во следната натпреварувачка соезона.

    Советниците од СДСМ и Поинаку коментираа дека се бараат скоро онолку средства колку што годинава за спорт биле веќе потрошени, што значи промашување во планирањето на буџетот за спорт од скоро сто проценти. Критикуваа и за „весела математика“, зашто во три наврати од различни надележни лица добиле различни податоци за парите што треба да им се платат на клубовите.

    „Добивме едни бројки од советникот за спорт, на комисијата други, на крајот на писмено добивме трети бројки. Сметам дека пласирањето лажни информации пред советниците и граѓаните е сериозен проблем. Се соочуваме со промашување во планирање со повеќе од 100 проценти. Во буџетот за 2023 година Општина Битола планирала за спорт 37 милиони денари. Ние сме го поддржале тоа како советници, но после 5 месеци се наоѓаат во ситуација сите тие пари да бидат потрошени и да бараат уште 30 милиони дополнителни. Ние не зборуваме за промашување од 10 или 15 проценти, туку за сто проценти, што не е дозволиво за ниедна Општина“, рече претседателката на Советот Габриела Илиевска од независната иницијатива Поианку.

    Советничката од СДСМ Мирјана Захариевска-Ралевска рече дека во распределбата на средства за спорт има класичен примери на конфликт на интереси, а во КК „Пелистер“ се лица на платен список кои немаат врска со спортот како играчи. Борче Корчевски од СДСМ се надоврза дека има и педесетина лица на платен список во ФК „Пелистер“ од кои ни 20 не се играчи, а тимот е во втора лига. Советниците истакнаа дека се за спорт во градот, но за нив ова е фрлање пари во бунар без дно.

    Советниците од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека дел од средствата се за да се подмират долгови останати во клубовите од преходната локална власт.

    „Доколку не се предвидени овие финансиски средства за спортот, не ќе можат да функционираат клубовите. Со кошаркарскиот клуб потпишавме договор за генерален покровител со приватна компанија, а едногласно донесовме одлука до почетокот на сезоната сите долгови да бидат платени со цел генералниот покровител да го земе клубот и со него да управува“, рече Бојан Бојкоски, координатор на советниците од ВМРО-ДПМНЕ.

    Градоначалникот Коњановски рече дека неприфаќањето на ребалансот, каде има и други значајни ставки за развој на градот, ќе биде на штета на граѓаните. Тој соопшти дека е добиено и писмо за намери за потенцијално косопствеништво на ФК „Пелистер“ со приватен партнер од странство, остварен е прв иницијален состанок, а конкретни делувања во однос на преземање на фудбалскиот клуб би започнале во април 2024 година.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира