СО РЕДИЦИ ПРЕД МАРКЕТИТЕ КУМАНОВО ГО ЧЕКА ТРИДНЕВНИОТ ПОЛИЦИСКИ ЧАС

    СО РЕДИЦИ ПРЕД МАРКЕТИТЕ КУМАНОВО ГО ЧЕКА ТРИДНЕВНИОТ ПОЛИЦИСКИ ЧАСВо редиците имаше и лица над 65 години, кои го прекршиле полицискиот час за да купат што им е неопходно за наредните два дена. (Фото: Фејсбук)

    Редици пред маркетите, месарниците и аптеките се создадоа попладнево, откако Владата прогласи 24-часовен полициски час за време на викенд во Куманово. Градот и улиците беа блокирани и од автомобили од приградските населби, кои дојдоа да набават храна и лекови. Граѓани тврдат дека покрај големите гужви имало тепачка во еден од маркетите.

    Иако со денови градоначалникот Максим Димитриевски бараше да се воведе карантин во градот, никој не се надеваше дека оваа одлука ќе се донесе и ќе почне да се применува во ист ден.

    Додека едни негодуваа дека требало да се остави повеќе време граѓаните да се снабдат со потребните продукти, други ја поддржуваат одлуката и велат дека требаше порано да се воведе. Сите се согласни дека големите гужви нема да помогнат туку ќе придонесат за ширење на вирусот.

    Во редиците имаше и лица над 65 години, кои го прекршиле полицискиот час за да купат што им е неопходно за наредните два дена.

    „Дојдов да купам брашно и јајца. Оставив за утре сабајле ама нема да работат продавниците, кажаа на телевизија. Живеам сама и морав да излезам иако знам дека е забрането за нас постарите да излегуваме после 11 часот“, кажа една повозрасна жена на која присутните и продавачките ѝ помогнаа да купи и да плати преку ред за да не се задржува долго надвор.

    Вкупната бројка на заразени со коронавирус во Куманово стигна до 85 лица, а во изминатите 24 часа, се регистрирани 23. Од нив 11 се медицински лица, а вкупната бројка досега е 15 лица. Од двајцата починати од коронавирус денеска, едниот пациент на возраст од 70 години е од Куманово кој од коморбидитети имал хипертензија и срцева слабост. Ова е трет починат од Куманово од коронавирус, по 47-годишната жена која беше прва жртва во државата и 45-годишниот маж кој почина пред три дена.

    Владата донесе одлука за забрана и посебен режим на движењето на населението – полициски час во Општина Куманово, и тоа целосна забрана за време на викенд, почнувајќи од  вечерва во 21 часот до 5 часот во понеделник.

    Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи на подрачјето на Општина Куманово.

    Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници и матичните лекари, кои своите работни ангажмани ќе ги реализираат непречено.

    Во работните денови, од понеделник до петок, забраната за движење важи секој ден во периодот од 16 до 5 часот. За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата на селата, исклучиво за работните потреби.

    С. НИКОЛИЌ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари