СО УКИНУВАЊЕТО НА МОРАТОРИУМОТ ВО ЦЕНТАР УСТАВНИОТ СУД НАПРАВИ ПРИТИСОК ЗА 30 ДЕНА ДА СЕ ИЗДАДАТ СИТЕ ДОЗВОЛИ ЗА ГРАДБА, КАЖАА АКТИВИСТИТЕ НА ЈАВНАТА ДЕБАТА „ВО КАКОВ ГРАД САКАМЕ ДА ЖИВЕЕМЕ“

    СО УКИНУВАЊЕТО НА МОРАТОРИУМОТ ВО ЦЕНТАР УСТАВНИОТ СУД НАПРАВИ ПРИТИСОК ЗА 30 ДЕНА ДА СЕ ИЗДАДАТ СИТЕ ДОЗВОЛИ ЗА ГРАДБА, КАЖАА АКТИВИСТИТЕ НА ЈАВНАТА ДЕБАТА „ВО КАКОВ ГРАД САКАМЕ ДА ЖИВЕЕМЕ“Јана Белчева, претседателка на Советот на Општина Центар, смета дека укинување на мораториумот е само една изгубена битка и дека барањето да се ревидира планот за Дебар Маало е прв посериозен обид некој да се спротивстави од аспект на јавното добро (Фото: К. Попов)

    Општините и деталните урбанистички планови онака како што се изготвени не обезбедуваaт квалитетни мерки за урбано безбедно живеење, а општините се правдаат дека се финансираат со издавање на градежните дозволи за станбени згради, кажаа воведничарите на јавната дебата „Во каков град сакаме да живееме“, во организација на граѓанската иницијатива „Здравје пред профитот“ и Институтот за комуникациски студии.

    Архитектите Теа Дамјановска и проф. Дивна Пенчиќ изработија макети на 31 план од Општина Центар кои сега се под мораториум заради ревизија, и видливо е дека со нив е зголемена катноста, со тесни улички и несоодветни решенија за она што подразбира квалитетно живеење (Фото: К. Попов)

    Искра Јанковска Михајловска од „Здравје пред профитот“, рече дека по одлуката на Уставниот суд да го укине мораториумот за градба во Општина Центар, всушност, е направен притисок да се издејствуваат 30 дена за да се издадат сите градежни дозволи, за сметка на тоа во плановите да се вметнат потребните квалитетни мерки кои ќе обезбедат квалитетно урбано живеење. Таа рече дека општините во своја одбрана велат дека ако не издаваат градежни дозволи и не се гради, нема од што да се финансираат.

    „Ако во вашата општина градинката работи во две смени, тоа значи дека плановите не чинат. Ако се мразите со комшијата затоа што ви паркира пред врата, тоа значи дека плановите не чинат. Ако има редици во амбулантите, тоа значи дека со планирањето не е водено сметка за тоа дека можеби треба повеќе градинки, амбуланти и простор за урбано живеење. Општините кога ќе им дојде инвеститор гледаат да издадат дозволи за станови, а при тоа не се води сметка што сè друго е потребно за да се обезбеди квалитетно живеење“, рече Јанковска Михајловска.

    Според неа, тоа е практично вовед во денешната тема на дебатата за алтернативни начини за финансирање на општините.

    Јана Белчева, претседателка на Советот на  Општина Центар, смета дека укинување на мораториумот е само една изгубена битка и дека барањето да се ревидира планот за Дебар Маало е прв посериозен обид некој да се спротивстави од аспект на јавното добро.

    „Со ова сакаме да развиеме дебата како на човекот да му ја вратиме безбедноста и удобноста на живеењето преку искуствата од оние градови кои нашле начин она што го наследиле да го направат пријатно место за живеење“, рече Белчева.

    Таа смета дека граѓаните треба да им дадат ветер во грб на оние што носат одлуки за да можат да донесат храбри одлуки, а не да се најдат во ситуација да кажат дека така наследиле и ќе продолжат понатаму на истиот начин.

    „Промените ќе дојдат ако се оди спроти брановите и ова не е шанса само за Скопје, туку и за цела Македонија, оти ги отвораме темите кои Европската унија ги бара од нас, за демократизација на општеството и да се раскинат тие коруптивни врски и цели”, рече Белчева.

    Дејан Андонов од Институтот за комуникациски студии, кажа дека до оваа дебата практично почнува и кампањата „Не игнорирај, реагирај“, со која треба да се подигне јавната свест како до изградба на оддржливи градови.

    „Со кампањата сакаме да ги поттикнеме граѓаните како да реагираат за да ги добијат потребните одговори од институциите. Деновиве беа турбулентни, поради апсењето на еден поранешен градоначалник поради несоодветно планирање, а вчера и со укинување на мораториумот за градба во Центар. Теа Дамјановска и проф. Дивна Пенчиќ изработија макети на овие планови и видливо е дека е зголемена катноста, со тесни улички и несоодветни решенија за она што подразбира квалитетно живеење. Со оваа дебата и кампања сакаме да му дадеме шанса на Скопје и на животната средина”, рече Андонов.

    Е. БОЧВАРОСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари