СОВЕТНИЦИТЕ НА ГРАД СКОПЈЕ СИ ДАДОА ПАУЗА ДА СИ ГИ СМИРАТ ЕМОЦИИТЕ ПО ГОВОРОТ НА ШИЛЕГОВ

    СОВЕТНИЦИТЕ НА ГРАД СКОПЈЕ СИ ДАДОА ПАУЗА ДА СИ ГИ СМИРАТ ЕМОЦИИТЕ ПО ГОВОРОТ НА ШИЛЕГОВСоветници во Советот на Град Скопје на пауза по говорот на градоначалникот Петре Шилегов. (Фото: СДК.МК)

    Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска пред Советот на Град Скопје го образложи предложениот буџет за 2018 година, по што претседателката на Советот Љубица Јанчева даде половина час пауза за, како што кажа, да си ги средат емоциите по инспиративниот говор на градоначалникот.

    Во излагањето, Шилегов кажа дека буџетот за следната година изнесува вкупно 100 милиони евра. Од таа сума, основниот буџет е 70 милиони евра, што е за 10 отсто помалку од ланскиот.

    Шилегов рече дека од наредната година со проектите почнува реализација на ветувањата што ги дал на граѓаните. Најави изградба на два нови моста, 2 милиони евра за зазеленување на градот, нови еколошки автобуси, енергетски ефикасни фасади на сите средни училишта и решавање на проблемот за хигиената и кучињата скитници.

    „Можеби програмите за наредната година не се такви како што јас лично посакувам, но мора да решиме голем број наталожени проекти и акцент мораме да ставиме на животната средина. На крајот на мојот четиригодишен мандат ќе бидете горди што сте биле дел од овој состав на Советот“, рече Шилегов.

    На денешната седница на Советот на Град Скопје, советниците од ВМРО-ДПМНЕ излегоа на говорницата со маички „И јас сум терорист“ како поддршка на притворените за организираниот напад на 27 април во Собранието. Потоа ја напуштија седницата.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира