СОВЕТНИЦИТЕ НА ЛЕВИЦА И ВМРО-ДПМНЕ БАРААТ СПОМЕНИКОТ НА ЌОСЕТО ДА СЕ ПОСТАВИ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ, ЌЕ ПОДНЕСАТ ИНИЦИЈАТИВА ДО СОБРАНИЕТО

    СОВЕТНИЦИТЕ НА ЛЕВИЦА И ВМРО-ДПМНЕ БАРААТ СПОМЕНИКОТ НА ЌОСЕТО ДА СЕ ПОСТАВИ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ, ЌЕ ПОДНЕСАТ ИНИЦИЈАТИВА ДО СОБРАНИЕТОИако Левица баралА Ќосето да се стави во Аеродром само со одлуката на Советот, од службите на Општината им било објаснето дека тоа не е можно туку треба согласност од Собранието. (Фото: СДК.МК)

    Советниците на Левица бараат споменикот на Андон Лазов-Ќосето со кама в рака да се постави во Општина Аеродром. На вчерашната седница на Советот на Општина Аеродром, од советниците на Левица беше поднесена Иницијатива за поставување на споменикот на револуционерот Андон Лазов-Ќосето на територијата на општината, поточно во паркот во Горно Лисиче. Ова нивно барање беше поддржано и од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и иницијативата се прифати.

    „Тој споменик без разлика која власт го поставила е платен со народните пари и не заслужува фаќа прашина во некое депо на Градот Скопје и да биде камен на сопнување и играње пинг понг помеѓу институциите за дневно политички поени“, стои во образложението на Левица.

    Иако Левица барала Ќосето да се стави во Аеродром само со одлуката на Советот, од службите на Општината им било објаснето дека тоа не е можно туку треба согласност од Собранието. Како што објаснуваат од Општината за САКАКМДАКАЖАМ.МК,  Советот сега иницијативата ќе ја достави до Собранието и за неа ќе траба да одлучуваат пратениците.

    Постапка за враќање на Ќосето прва почна градоначалничката на Скопје Данела Арсовска. Таа пред еден месец достави барање до Општина Центар да се даде согласност за почнување постапка согласно која би почнала процедурата за враќање на Ќосето на истата локација од која беше тргнат.

    Градоначалникот Горан Герасимовски ѝ одговори дека барањето го доставила на погрешна адреса, односно дека треба согласнот да добие од Собранието бидејќи согласно Законот за меморијалните споменици и спомен-обележја, надлежностите за подигнување на споменици се наоѓаат во Собранието, додека Општините можат да подигнуваат спомен-обележја само за личности и настани од локално значење.

    „Ќосето нема никаква врска со Општина Центар ниту пак е лик од локално значење и оттаму ова прашање не може да се третира на општинско ниво“, стои во одговорот на Герасимовски до Арсовска.

    Споменикот на контроверзниот Андон Лазов-Ќосето (1855-1953), беше поставен пред судовите во 2014, кога градоначалникот беше Коце Трајановски. Ќосето е еден од петте споменици кои Град Скопје ги доби како донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин.

    Со доаѓањето на функција на ексградоначалникот Петре Шилегов споменикот беше отстранет оти било утврдено дека е дивоградба односно нема решение за негово поставување. Откако беше тргнат, споменикот беше однесен во магацин на „Металски завод-Тито“ во Скопје. На неговото место беше засадено дрво гинко, посветено на човековите права со изгравирана плочка донирана од збратимениот град Нирнберг, на која е испишан текстот од членот 10 од Декларацијата за човекови права на Обединетите нации. Тој член гласи: „Секој има потполно еднакво право на праведно и јавно судење пред независен и непристрасен суд, при одредувањето на неговите права и обврски и во услови на какво и да е кривично обвинение против него“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира