СОВЕТНИЦИТЕ НА ЛЕВИЦА, „ПОИНАКУ“ И СДСМ СЕ МАРГИНАЛЦИ, КОГА ЌЕ ДОЈДЕМЕ НА ВЛАСТ ЌЕ БИДАТ НЕЗАБЕЛЕЖЛИВИ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ВО БИТОЛА

    СОВЕТНИЦИТЕ НА ЛЕВИЦА, „ПОИНАКУ“ И СДСМ СЕ МАРГИНАЛЦИ, КОГА ЌЕ ДОЈДЕМЕ НА ВЛАСТ ЌЕ БИДАТ НЕЗАБЕЛЕЖЛИВИ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ВО БИТОЛАЗа неколку месеци ќе има влада која ќе работи во интересот на битолчани и тогаш овие политички маргиналци кои сакаат да бидат големи, ќе бидат тотално незабележливи, рече Мицкоски во Битола. (Фото: СДК.МК)

    Политички маргиналци и ситни луѓе, ги нарече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски советниците од Левица, граѓанскоот движење Поинаку и СДСМ кои го срушија локалното мнозинство во битолскиот општински Совет што беше предводено од ВМРО- ДПМНЕ. Во изминатите неколку месеци, тие изгласаа одлука за разрешување на управните и надзорните одбори во шест јавни претпријатија каде директори се кадри на ВМРО-ДПМНЕ, иницијатива за разрешување на директорот на ЈП „Паркинзи“ и додадоа свои амандмани во ребалансот на буџетот.

    Мицкоски рече дека се работи за „ситни политиканства од страна на новофоирмирана коалиција, тотално неприродна меѓу Левица, Поинаку и СДСМ кои сакаат да бидат големи, но за неколку месеци ќе бидат незабележливи“. Им кажа да засукаат ракави и да работат, а политики ќе се водат онака како што налагаат условите на политичката сцена во Македонија.

    „За неколку месеци ќе има влада која ќе работи во интересот на битолчани и тогаш овие политички маргиналци кои сакаат да бидат големи, ќе бидат тотално незабележливи. Преку централниот буџет, сето она што тие го опструираат сега, ќе биде реализирано. Така, сите овие јалови обиди ќе им бидат пропаднати зашто не можат да го спречат градоначалникот кога е мотивиран да направи нешто. Тој и советниците горат од желба да направат нешто за Битола и битолчани, но за жал, имаат работа со вакви ситни луѓе, на кои сопственото его и фрустрации им е над сè“, рече Мицкоски.

    Тој посочи дека ако дојде на власт ќе изврши пренамена на средства од централниот буџет назад кон Општините, така што за Битола на годишно ниво ќе се префрлуваат 11.5 милиони евра за голем инвестициски циклус за капитални проекти. Во нив спомена улици, канализации, спортски комплекс кој го ветија за изборите, но до денес не е направен, како и базен кој беше ветуван од времето на Владимир Талески, но остана нереализиран. Исто така, рече дека ќе прават и градинки и училишта, а новото училиште во Буковски ливади ветено на локалните избори во 2021 година, не е изградено.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира