СОВЕТНИЦИТЕ НЕ ИЗГЛАСАА ЗАДОЛЖУВАЊЕ НА ГРАДОТ ЗА НОВИ АВТОБУСИ, Ѝ КАЖАА НА АРСОВСКА ДЕКА ИМА 70 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА БРТ

    СОВЕТНИЦИТЕ НЕ ИЗГЛАСАА ЗАДОЛЖУВАЊЕ НА ГРАДОТ ЗА НОВИ АВТОБУСИ, Ѝ КАЖАА НА АРСОВСКА ДЕКА ИМА 70 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА БРТСо одлуката за задолжување од 10 милиони евра би се купиле само 30 автобуси, а Арсовска во изборната кампања вети 250 еко автобуси и бесплатен превоз. (Фото: К. Попов)

    Советот на Град Скопје по третпат не го прифати барањето на градоначалничката Данела Арсовска за задолжување на Градот од 10 милиони евра за купување нови автобуси. Оваа точка не ја подржаа советниците на СДСМ кои се опозиција во Советот, ниту советниците од ВМРО-ДПМНЕ кои, откако се скараа со Арсовска, не ѝ ги гласаат точките и програмите кои таа ги предлага.

    Советниците од СДСМ рекоа дека не се против набавка на еко автобуси, но ја прашаа Арсовска зошто бара да се задолжи Градот кога има пари за да го реализира проектот Бас рапид транзит (БРТ) или автобуско метро.

    „За овој проект се обезбедени 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој, ама градоначалничката не го прави, а државата плаќа пенали од 300.000 евра годишно. Сега вели ќе се правел, е па ако се прави зошто е потребата од ново задолжување?“, рече советникот од СДСМ Гордан Шутаров.

    Советниците на ВМРО-ДПМНЕ, како и минатиот пат кога оваа точка беше на дневен ред, не кажаа зошто нема да ја гласаат. Ниту еден од советниците не се јави за збор и не се караше со Арсовска, како што беше случај на минатите седници.

    Единствено советникот Филип Јаневски од Глас за Македонија, коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ, се караше и го критикуваше барањето на градоначалничката Арсовска за кредитно задолжување.

    „На функцијата сте 19 месеци и уште гледате, разгледувате што ќе правите со БРТ проектот вреден 70 милиони евра. Вие не знаете што ќе правите со 70 милиони евра, а барате да ви дадеме уште 10 милиони и со нив да не знаете што ќе правите. Никој не спори дека има потреба од нови автобуси, проблемот е што вие не знаете што правите во Градот. За 10 милиони евра три дена ќе седите и ќе ни одговарате на сите прашања, а вие ниту едно немате одговорено. Ако на вас ви се малку 10 милиони евра, тогаш дајте ги од ваш џеб“, рече Јаневски.

    Арсовска, која откако е на функција не одговара на советничките прашања, ниту пак ги образложува проектите, ги обвини советниците дека тие се криви што нема да се реши проблемот со недостиг на автобуси и тоа што граѓаните со саати чекаат на станиците.

    Со одлуката за задолжување би се купиле само 30 автобуси. Арсовска во изборната кампања вети 250 еко автобуси и бесплатен превоз.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира