СОВЕТНИЦИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ ПО ВТОРПАТ ДОЗВОЛИЈА ДА СЕ ГРАДИ 31 ЗГРАДА КАЈ ПАЗАРОТ, НАЈВИСОКАТА Е 21 КАТ

СОВЕТНИЦИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ ПО ВТОРПАТ ДОЗВОЛИЈА ДА СЕ ГРАДИ 31 ЗГРАДА КАЈ ПАЗАРОТ, НАЈВИСОКАТА Е 21 КАТСедницата помина во кавги меѓу советниците на СДСМ со претседателката на советот Ленче Нелоска и советниците од ВМРО-ДПМНЕ. (Фото: СДК.МК)

Советниците во Советот на Општина Ѓорче Петров од редовите на ВМРО-ДПМНЕ денеска не дозволија да се суспендира Деталниот урбанистички план (ДУП) за градска четврт C3 16. Тие гласаа ‘против‘ за предлогот на советниците на СДСМ за суспензија на планот. Со тоа, не успеа обидот да се спречи на просторот спроти пазарот да се гради нова 31 зграда, од која највисоката е на 21 кат, и да има три капацитети од хемиската индустрија.

Седницата помина во кавги меѓу советниците на СДСМ со претседателката на советот Ленче Нелоска и советниците од ВМРО-ДПМНЕ. Советниците од СДСМ прашуваа зошто гласаат против суспензија на планот и зошто дозволуваат бетонизација на населбата, која се гуши од загаден воздух, сообраќаен хаос и немање место за децата во градинките и училиштата.

„Го донесовте планот на војнички начин. Ние бараме да се суспендира само градењето на зградите. Нека продолжи реализацијата на планот во делот кој предвидува школо, градинка, зеленило и катна гаража. Сите заедно во интерес на граѓаните да ја намалиме катноста на зградите до максимум 9 ката. Зошто цртате бетонски чудовишта од 21 кат, кој има интерес од тоа? Градоначалникот донел тука граѓани за да го бранат планот, за да имаат ќар инвеститорите. Мнозинството граѓани не сакаат бетонски чудовишта. Ние не велиме да не се гради, но да се гради хумано“, рече советничката од СДСМ Маја Стојковска.

Градоначалникот Александар Стојкоски исто така не го повлекува планот. Смета дека е донесен законски и со него ќе се овозможи развој на општината, а од комуналиите за зградите Општината ќе има пари за десетина години.

Планот за овој дел од населбата беше донесен на вонредна седница на 17 февруари, сабота. Против планот реагираат од граѓанската иницијатива 02, бидејќи е спротив на Генералниот урбаниситчки план (ГУП), дозволува дупло повеќе жители од дозволеното, се прави нова бетонизација на населбата, а исто така се дозволува да се градат фабрики од хемиската индустрија.

И градоначалничката на Скопје Данела Арсовска рече дека планот е донесен незаконски и на шверцерски начин и за него Општината нема добиено позитивно мислење од Град Скопје. Општина Карпош, пак, на седница на Советот донесе одлука да поведе иницијатива пред Уставен суд за поништување на планот.

А. АНТЕВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира