СОВЕТНИЦИTE ВО ОПШТИНА ТЕТОВО ВКУПНО ЗЕЛЕ НАД 100.000 ЕВРА ПАУШАЛИ ЗА 2019

    СОВЕТНИЦИTE ВО ОПШТИНА ТЕТОВО ВКУПНО ЗЕЛЕ НАД 100.000 ЕВРА ПАУШАЛИ ЗА 2019Во 2019 на тетовското подрачје најголеми паушали зеле советниците од Советот на Општина Тетово. (Фото: З. Андонов)

    Не се платени како парламентарните претставници но, и членовите на општинските Совети не можат да се пожалат на паушалите кои ги примаат за присуство на седниците. Според истражувањето кое го направи Центарот за граѓански комуникации за висината на месечните паушали кои им се исплаќаат на општинските советници и претседателите на Советите, во 2019 година на тетовското подрачје најголеми паушали зеле советниците од Советот на Општина Тетово.

    „За сите 31 советник и за претседателот на Советот од општинскиот буџет за 2019 година биле издвоени 6. 382.584 денари или 103.785 евра. Секој советник зел по 16.993 денари од одржана седница, а додека претседателот на Советот земал по 22.092 денари. Во 2019 година Советот на Општина Тетово одржал 13 седници. Веднаш до Тетово по висината на исплатените пари за паушали е Општина Боговиње со по 18.934 денари за 19-те советници, за што од буџетот на Општината биле издвоени 3.373.284 денари или 54.850 евра за одржани 14 седници. Од Општините во Тетовскиот Регион најмалку пари од општинскиот буџет за оваа намена бил издвоен во Општина Јегуновце, каде вкупно виле исплатени само 2.104.788 денари или 34.224 евра. На ниво на државата на 1319-те советници и претседатели на Совети за 2019 година им биле исплатени повеќе од 215 милиони денари или над 3,5 милиони евра. Највисоки се паушалите на советниците од Град Скопје кои изнесуваат 24.276 денари а паушалот на претседателот на Советот изнесувал 31.559 денари“, се вели во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

    Висината на месечниот надомест зависи од бројот на жители во Општината и е определен како процент од просечната плата во земјава. Претседателите добиваат 30% повисок паушал од советниците. Услов за да се исплати паушал е во месецот да биде одржана барем една седница на Советот на Општината.

    З. АНДОНОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира