СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ВЕЛЕС ОДОБРИ ЗАДОЛЖУВАЊЕ ОД 750.000 ЕВРА КАЈ СВЕТСКА БАНКА ЗА ИЗГРАДБА НА ПОКРИЕН ПАЗАР

    СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ВЕЛЕС ОДОБРИ ЗАДОЛЖУВАЊЕ ОД 750.000 ЕВРА КАЈ СВЕТСКА БАНКА ЗА ИЗГРАДБА НА ПОКРИЕН ПАЗАРСо ова задолжување градот ќе ја затвори финансиската конструкција за изградба на пазарот на левата страна од градот (Фото: СДК.МК)

    Советот на Општина Велес со мнозинство гласови од владејачката коалиција на СДСМ ја донесе одлуката за задолжување кај Светска банка за изградба на покриен пазар во градот. Општина Велес ќе се задолжи за 46 милиони денари (750.000 евра), со рок на враќање е 13 години и три години грејс период.

    „Со ова задолжување ќе се затвори финансиската конструкција за изградба на покриениот пазар на левата страна од градот. Со него, и продавачите и купувачите ќе добијат подобри услови. Општината е финансиски способна да го исплаќа кредитот. Задолжувањето е со многу поволни услови, со каматна стапка од 0,7 до 1 % на годишно ниво. Ќе добиеме и 27% грант од Светска банка како награда ако успееме квалитетно да го реализираме проектот. Тоа се околу 12,4 милиони денари, што ќе ги вложиме во инфраструктурата во градот“, кажа градоначалникот Аце Коцевски.

    Покриениот дел од пазарот опфаќа површина од 3.400 квадратни метри. Средствата од продажбата на 19-те дуќани ќе се наменат за други инвестиции во градот. Владата уште при крајот на 2019 издвои 40 милиони денари за оваа цел, со кои ќе почне да се гради горниот дел од пазарот. Со кредитот ќе се затвори финансиската конструкција за втората фаза, покривање на долниот дел од пазарот. Против задолжувањето гласаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ.

    „Никој не е против изградбата на покриен градски пазар. Но, не се согласувам со начинот на изградба и финансирање. Ако средствата од Владата стоеја една година неискористени, можеше за тој период да почне изградбата, а потоа преку продажба на деловен простор или преку најавената продажба на хотелот ‘Вила зора‘ и на градежни парцели кај езерото Младост да се соберат средства за затворање на финансиската конструкција, не преку задолжување“, рече Ангел Димов, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

    На дилемите во јавноста зошто под пазарот не се изгради гаража, надлежните објаснија дека тоа е невозможно.

    „Под пазарот минува канализациона цевка Ф-1000 и таа е многу тешко да се отстрани. Постојат решенија, но се многу скапи“, објасни главниот архитект на објектот Никола Транталовски.

    Одлуката за задолжување донесена вчера треба да ја потпише министерот за финансии и да ја одобри Бордот на Светска Банка.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира