Секојдневно имаме опструкции од страна на Министерството за внатрешни работи (МВР) за отстранување на непрописно паркираните возила, вели директорот на ЈП „Градски Паркинг“ Бојан Христовски. Тој на вчерашната седница на Советот на Град Скопје пред советниците се пожали дека во изминатиов период неколку пати реагирал за овој проблем, имал средби со МВР, но сепак тој сè уште не е решен и опструкциите и понатаму траат.
„Сега за сега немаме никакви реакции, се’ уште се подигнуваат многу мал број возила од тротоарите, пешачките зони, места кадешто може да поминуваат лица со посебни потреби и слично. Еднаш или два пати неделно писмено се обраќаме до министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, до директорот за јавна безбедност Сашо Тасевски и началникот на СВР Скопје, Тони Јакимовски. Постојано им укажуваме на реакциите кои секојдневно пристигнуваат до нашето претпријатие од граѓани или правни субјекти коишто се жалат на непостапувањето од страна на МВР, односно пријавуваат на бројот 192 кадешто ги известуваат за непрописно паркираните возила, чиешто постапување за отстранување е во ингеренции на МВР, но од страна на Министерството нема реакција. Ние ќе продолжиме со нашите барања, како и јавно и институционално да ги повикуваме да си ја вршат својата работа“, вели Христовски.
За да може пајак службата да подигне неправилно паркирани возила мора да оди во придружба со полиција, која всушност ја пишува казната, а пајакот го отстранува возилото.
Проблемот со неправилно паркирани коли низ улиците и пешачките патеки во Скопје никако да се реши. Ексградоначалникот Петре Шилегов решение на овој проблем го гледаше во формирање комунална полиција при што Градот нема да зависи од МВР за казнување.
Од Градот изработија законско решение, го доставија до Влада, но тој уште не е изготвен.
А. АНТЕВСКА