На 15 октомври почнува грејната сезона за објектите кои се приклучени на парно греење во Скопје. Од Регулаторната комисија за енергетика апелираат до станарите да ги проверат инсталациите во објектите и да ги платат сметките за струја на подстаниците за да добијат греење.
„Грејната сезона започнува на 15 октомври и завршува на 15 април. Но, доколку прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е еднаква или помала од 12 степени тогаш грејната сезона може најрано да започне од 1 октомври и да заврши најдоцна до 30 април. Согласно правилата за снабдување со топлинска енергија и тарифниот систем за продажба на топлинска енергија, снабдувачот е должен во грејните простории во времето од 6 до 22 часот во текот на денот да обезбеди температура на греење од 20+1 степени“, велат од Регулаторната комисија.
Согласно последната одлука, од 1 август сметките за парно за домаќинствата се пониски за 3,16 отсто, додека околу 1.200 фирми, училиштата и институции кои се приклучени на централното градско греење ќе имаат пониска цена за 17 отсто.