Старото училиште во Љубојно има значајна историска вредност не само затоа што таму се одржал првиот час по македонски јазик во Преспа по ослободувањето, туку и поради тоа што бил првиот прифатен центар на децата бегалци од Егејска Македонија, односно Грција за време на граѓанската војна 1946-49. Стотици деца кои во март и мај 1948 година за време на Граѓанската војна во Грција ги напуштиле родните огништа и пребегале во тогашна Југославија, биле прифатени во училиштето каде добиле оброк и можеле да одморат. Ова беше кажано од лица вклучени во реконструкцијата на објектот, за време на посетата на министерот за култура Зоран Љутков на школото на 20 април за да се укаже на длабоката емотивна вредност што објектот ја има за македонскиот народ.
По долгогодишната запоставеност, веќе се обновува школото каде на 15 ноември 1945 се одржал првиот час по македонски јазик во Преспа, а второ такво во Македонија по она во кичевското село Подвис. Турена е плоча на подот, реставрирани се ѕидовите, прозорците, монтиран е дел од покривот, а внатре на местото на дрвените поставени се метални скали и конструкции. Има уште работа, да се допокрие таванот, да се напорави фасадата, да се уреди внатрешноста.

Турена е плоча на подот, реставрирани се ѕидовите, прозорците, монтиран е дел од покривот, а внатре на местото на дрвените поставени се метални скали и конструкции. (Фото: СДК.МК)
Љутков изјави дека реализацијата е во напредна фаза и очекува објектот до крајот на годинава да биде целосно завршен.
„По конзервацијата, реконструкцијата и адаптацијата, објектот од старото училиште во Љубојно ќе биде мултимедијален образовен центар за промоција на македонскиот јазик. Со овој проект вреден околу 20 милиони денари (околу 330.000 евра – н. з.), не само што го заштитуваме значајното споменичко добро туку и даваме простор за афирмација на македонскиот јазик и култура. Тоа ќе прерасе и во голема туристичка соржина и ќе даде силен инпут на развојот на туризмот во Преспа“, рече Љутков.
Откако САКАМДАКАЖАМ.МК на 10 мај 2020 објави репортажа за состојбата во која се наоѓа училиштето, од тогашната Влада најавија дека овој значаен објект за македонскиот јазик ќе биде претворен во Центар за промоција на македонскиот јазик. Прво беше изработен проект, беа издадени дозволите за конзервација и реконструкцијата започна во 2024 година.
Претходно, школото имаше претрпено пожар и со години се распаѓаше. Немаше таван, врати и прозорци, а внатрешноста беше обрасната со густа вегетација. Благодарение на спомен-плочата што во 2004 ја поставија просветни работници во чест на 60-годишнината од наставата по македонски јазик, минувачите дознаваа дека ова школо е со значајна историја за македонскиот јазик и образование. Наскоро не само плочата, туку и објектот ќе ја раскажува својата богата историја. Со ова Преспа ќе добие репрезентативен објект со длабоко образовано и историско значење каде ќе се одржауваат културни, промотивни и едукативни настани.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



