СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ НЕ ЈА СТОПИРА ИЗГРАДБАТА НА ЗГРАДАТА КАЈ ВОЕНА БОЛНИЦА, ЧЕКА ДА ВИДИ ДАЛИ ИНВЕСТИТОРОТ ЌЕ СЕ ЖАЛИ

    СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ НЕ ЈА СТОПИРА ИЗГРАДБАТА НА ЗГРАДАТА КАЈ ВОЕНА БОЛНИЦА, ЧЕКА ДА ВИДИ ДАЛИ ИНВЕСТИТОРОТ ЌЕ СЕ ЖАЛИДо денес во Конзерваторксиот центар не е стигната жалба од инвеститорот; - Поглед на парцелата на која ќе никне 17-катница од еден од кабинетите за преглед во поликлиниката Букурешт. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Изградбата на 17-катницата во близина на болничкиот комплекс кај „8 Септември“, поранешна Воена болница, не е стопирана. Иако Конзерваторски центар на 21 февруари го поништи позитивното мислење, на терен градежна механизација секој ден копа дупка за изградбата на зградата.

    Од Општина Карпош велат дека не ја стопирале градбата, бидејќи чекаат да видат дали инвеститорот ќе поднесе жалба на решението на Конзерваторски центар, па ако поднесе ќе размислуваат каков ќе биде одговорот на жалбата.

    „Што ако инвеститорот поднесе жалба и таа се прифати. Тогаш тој може да ја тужи Општината, бидејќи има дозвола за градба. Откако ќе завршат сите жалбени постапки и решението на  Конзерваторски стане правосилно ќе донесеме одлука“, велат од Општина Карпош.

    Од Конзерваторскиот центар велат дека до денеска кај нив не е стигната жалба од инвеститорот.

    Инвеститорот има рок од 15 дена да поднесе жалба на решението. Позитивното мислење беше поништено на 21 февруари, а на 22 февруари беше доставено до Општина Карпош. Рокот за поднесување на жалба истекува наредната недела.

    Блокот од 17 ката со 419 станови плус деловен простор, со 2.000 жители се гради меѓу пет здравствени установи. Зградата ќе никне меѓу поликлиниката Букурешт, седиштето на Брзата помош, болницата „8 Септември“, Универзитетскиот институт за позитронско-емисиона томографија односно за дијагностика на болните со малигни заболувања и приватната болница „Жан Митрев“. Во непосредна близина е и теренот од каде со хеликоптер се носат болни и повредени во ГОБ „8 Септември“.

    Парцелата каде се предвидува да никне зградата се наоѓа во заштитено подрачје на зградата-споменик Воена болница, сегашната ГОБ „8 Септември“, која има статус на споменик на архитектонско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство. Според Законот за заштита на културно наследство, за да може да се гради каков било објект и да се добие градежна дозвола од Општина Карпош, урбанистичкиот проект треба да го одобри Конзерваторскиот центар.

    Но, и покрај тоа ексдиректорот на Конзерваторски центар Константин Димитровски кој беше приведен за случајот со хотелот „Шар“, во средината на ноември лани издаде позитивно мислење. Врз основа на тоа позитивно мислење Општина Карпош на 18 јануари издаде дозвола за градба која станала правосилна на 1 февруари и тогаш на парцелата има градежна механизација која работи.

    По реакциите во јавноста Министерството за култура формираше работна група која после неколку месеци работа констатираше дека мислењето издадено од Димитровски е спротивно на Законот за заштита на културно наследство.

    Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски смета дека нема ништо спорно во изградбата на 17-катницата во болничкиот блок кај Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“. Тој за САКАМДАКАЖАМ.МК на 29 октомври 2023 година изјави дека е смешно тврдењето оти овој објект со две нивоа деловни објекти и 17 ката станбен дел со 419 станови ќе ја загрози болницата „8 Септември“.

    „Никој не може самоволие да прави, а ова што се прави е самоволие. Смешно е тврдењето дека овој објект ќе ја загрозел поранешна Воена болница, а другите три што се уште поблиску не ја загрозуваат и имаат одобрение од Конзерваторски центар. Како може да постои болницата на Жан Митрев, Пет центарот и тоa брвнарата на Орце Камчев што наводно ќе била болница? Овој објект сега ја загрозува Воена болница што е одалечен 400 метри, а овие другиве три не“, ни изјави пред 4 месеци градоначалникот Јакимовски.

    Инвеститори на парцелата 6.1 за изградба на спорната зграда се „ЗСФ Ком ДООЕЛ“ и Друштвото за градежништво, трговија и услуги „Делта 2015 Констракшн ДООЕЛ“.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира