Стопирана е изградбата на 9-катницата кај Мајчин дом која што пред два дена почна да се гради во зеленилото. Градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин денеска кажа дека издале решение за стопирање на градбата врз основа на неправилности на градилиштето кои биле констатирани денеска. Забраната трае 15 дена, но Марин се надева дека во овие две недели ќе најдат заедничко решение со инвеститорот „ЗСФ – ком“, зградата да не се гради во зеленилото.
„Денеска имав средба со инвеститорот на која го информирав за забраната за градба. Инвеститорот мора да биде вклучен во барањето на решението. Влегуваме во барање решение низ дискусија, да најдеме начин трајно да го заштитиме плацот кај Мајчин дом. Постои расположение за решавање на проблемот кај инвеститорот и мислам дека во најкус рок ќе го најдеме“, кажа на прес-конференција градоначалникот Марин.
- НЕ МОЖАМ ДА ЈА СПРЕЧАМ ИЗГРАДБАТА НА 9-КАТНИЦАТА КАЈ МАЈЧИН ДОМ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЗЛАТКО МАРИН
- ПОСЛЕ ОВА, ОСТАНУВА УШТЕ ГРОБИШТА ДА НИ НАПРАВАТ – АЕРОДРОМ ПРОТЕСТИРАШЕ ПРОТИВ ИЗГРАДБА НА ДЕВЕТКАТНИЦАTA КАЈ МАЈЧИН ДОМ
- ОПШТИНАТА МОЖЕ ДА ВОВЕДЕ МОРАТОРИУМ ЗА ДА СТОПИРА СПОРНИ ДУП-ОВИ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЦЕНТАР САША БОГДАНОВИЌ ПО ИЗЈАВАТА НА НЕГОВИОТ КОЛЕГА ОД АЕРОДРОМ ЗЛАТКО МАРИН ДЕКА ТОА Е НЕЗАКОНСКИ
Тој најави дека во петок ќе се одржи вонредна седница на Советот на Општина Аеродром, на која се поканети и граѓаните и граѓанските организации, со што и тие ќе бидат вклучени во процесот за наоѓање решение како да не с егради зградата кај Мајчин дом.
Градоначалникот Марин не кажа кога точно колку комуналии платил инвеститорот.
„Одобрението за градба го издадовме пред две нели, пред тоа беа уплатени комуналиите. Не знам точно колку, можам да проверам, но цената беше 120 евра за метар квадратен“, рече Марин.
Од Општината подоцна информираа дека на сметката за комуналии од инвеститорот им се уплатени 23,464.327 денари или околу 380.000 евра, што е 40 отсто од вкупните комуналии а остатокот од 60 отсто е платен на Град Скопје.
А. АНТЕВСКА