ОПШТИНАТА МОЖЕ ДА ВОВЕДЕ МОРАТОРИУМ ЗА ДА СТОПИРА СПОРНИ ДУП-ОВИ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЦЕНТАР САША БОГДАНОВИЌ ПО ИЗЈАВАТА НА НЕГОВИОТ КОЛЕГА ОД АЕРОДРОМ ЗЛАТКО МАРИН ДЕКА ТОА Е НЕЗАКОНСКИ

    ОПШТИНАТА МОЖЕ ДА ВОВЕДЕ МОРАТОРИУМ ЗА ДА СТОПИРА СПОРНИ ДУП-ОВИ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЦЕНТАР САША БОГДАНОВИЌ ПО ИЗЈАВАТА НА НЕГОВИОТ КОЛЕГА ОД АЕРОДРОМ ЗЛАТКО МАРИН ДЕКА ТОА Е НЕЗАКОНСКИ„Секој ДУП може да се поправи со нов ДУП. Ние донесувме одлука за стопирање на извршување на 30 дупови, со цел додека не донесеме нови планови тие да не можат да се реализизираат. Досега ниту сме имале некоја жалба“, вели градоначалникот Саша Богдановиќ. - Саша Богдановиќ; Златко Марин (Фото: СДК.МК)

    Нормално дека Oпштината може да сопре Детален урбанистички план (ДУП) под образложение за мораториум, кажа градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, откако вчера неговиот колега од Аеродром Златко Марин изјави дека не можел да стави мораториум за зградата кај Мајчин дом оти тоа било незаконски.

    Советот на Општина Центар, веднаш откако Богдановиќ стана градоначалник, лани во октомври донесе одлука за мораториум со која беа стопирани 30 урбанистички планови, со која за ниту еден објект кој беше предвиден во плановите не беше издадена градежна дозвола додека тие не се ревидираат.

    „Секој ДУП може да се поправи со нов ДУП. Ние донесовме одлука за стопирање на извршување на 30 ДУП-ови, со цел додека не донесеме нови планови тие да не можат да се реализираат. Досега ниту сме имале некоја жалба. Јас знам дека тоа е нешто што прв пат се случува во државата и јасно во одлуката се наведува по кои законски основи се повикуваме на воведување на мораториумот“, изјави Богдановиќ.

    Богдановиќ рече дека не може да го коментира планови на други општини, бидејќи не ги знае добрите или лошите страни, односно не е запознаен со конкретниот план во Општина Аеродром, за кој Марин вели дека нема начин да го стопира.

    Од пред два дена, во зеленилото пред Мајчин дом почна да се гради 9-катница, за која сегашниот градоначалник Златко Марин во предизборната кампања ветуваше дека нема да се гради. Синоќа, жителите на Аеродром протестираа и го блокираа булеварот, барајќи од градоначалникот Марин веднаш да ја запре изградбата.

    Градоначалникот Златко Марин денеска во 13.30 часот закажа нова прес-конференција.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира