СТРУМИЧКАТА БОЛНИЦА ЌЕ СЕ ГАСИФИЦИРА ВГОДИНА

    СТРУМИЧКАТА БОЛНИЦА ЌЕ СЕ ГАСИФИЦИРА ВГОДИНАСтрумица е гасифицирана веќе седум години, но ниту еден од државните објекти не е приклучен на гасоводната мрежа И Речиси сите се греат на нафта и мазут; - Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули со градоначалникот на Струмица Коста Јаневски и директорот на болницата д-р Наќе Гогов (Фото: СДК.МК)

    Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули дојде во Струмица за да најави гасификација на болницата од следната грејна сезона. Според него, за чист воздух потребна е сеопфатна акција за да се заменат нееколошките извори на енергија со еколошки, пред сè кај големите потрошувачи. Акцијата ќе биде во корелација со Mинистерството за здравство, чиј министер вчера кажа дека ќе с е гасифицираат болниците во Струмица, Куманово и Чаир.

    „Не постои поголем приоритет од гасификацијата. Во овој момент од гасот нема поеколошки извор на енергија кај големите корисници. Во рамките на планот за чист воздух ќе го гасифицираме овој објект“, кажа заменик-министерот Макрадули.

    Струмица е гасифицирана веќе седум години, но ниту еден од државните објекти не е приклучен на гасоводната мрежа. Речиси сите се греат на нафта и мазут. Институциите под државна капа работеле на изготвување проекти за можно приклучување на дистрибутивната мрежа.

    Во Струмица, на гас се греат околу 350 физички и правни лица. Меѓу нив се приклучени и јавните локални институции. Од Општината велат дека Владата треба да размислува за намалување на цената на гасот ако се сака приклучување на што поголем број домакинства и правни лица на гасоводната мрежа во Струмица. Општината субвенционира по 100 евра за домакинство ако се приклучи на гас.

    „Дадовме конкретни предлози до Владата со кои би требало овој енергенс да го направат поприфатлив и економски поефтин за да може граѓаните да се приклучуваат. Предложивме ДДВ за гасот од 18 да се намали на 5 проценти и верувам дека има расположение да се направи тоа и да се субвенционираат одредени приклучоци“, кажа градоначалникот на Струмица Коста Јаневски.

    Струмица во јануари беше еден од најзагадените градови во државата. Според мерната станица на Министерството за екологија, само три дена во јануари струмичани дишеле чист воздух, кога просечната дневна концентрација била под 50 микограми на кубен метар. Најзагаден воздухот бил на 19 и 20 јануари, кога дневната просечна концетрација достигнала и до 400 микрограми на метар кубен.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира