СТРУМИЧКИОТ КАРНЕВАЛ ЌЕ СЕ ОДРЖИ И ПОКРАЈ ПОЈАВАТА НА КОРОНАВИРУСОТ

    СТРУМИЧКИОТ КАРНЕВАЛ ЌЕ СЕ ОДРЖИ И ПОКРАЈ ПОЈАВАТА НА КОРОНАВИРУСОТСтрумичкиот карневал почна синоќа и карневалистите ќе владеат со градот во наредните денови (Фото: СДК.МК)

    Струмичкиот карневал ќе се одржи според предвидената програма оти нема простор за паника, ниту, пак, има каква било одлука за откажување на манифестации и поголеми јавни собири. Ова го изјави претседателот ФЕКК од Струмица Александар Цицимов запрашан дали ќе се случи големото карневалско дефиле в сабота поради појавата на коронавирусот во земјава.

    „На состанокот на организацискиот одбор со градоначалникот ги разгледавме сите аспекти и го отворивме ова прашање. Координативното тело од Скопје засега нема издадено забрана за одржување на какви било манифестации во земјава, ниту, пак, ние добивме препорака. Разговаравме со нив и одлучивме да го тераме карневалот бидејќи откажувањето ќе носи и поголема паника“, изјави Цицимов.

    Токму поради појавата на коронавирусот во регионот една карневалска група од Србија го откажа учеството на Струмичкиот карневал. Станува збор за средношколска група од Белград која по препорака на директорот одлучила да не излегува надвор од државата. Според Цицимов, останатите 16 странски групи ќе бидат дел од главното дефиле.

    Струмичкиот карневал стартуваше синоќа кога градоначалникот Коста Јаневски симболично им го предаде клучот на карневалистите, кои во наредните денови ќе владеат со градот. Главното дефиле е в сабота, кога по струмичките улици треба да поминат околу 1.500 карневалисти од земјава, но и од Бугарија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Грција, Словенија, БиХ и Германија.

    На социјалните мрежи струмичани негодуваат што ќе се одржи карневалот, откако коронавирус беше откриен кај 50-годишна жена која патувала од Италија со петмина струмичани, кои, како што кажа министерот за здравство Венко Филипче, се ставени под надзор.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира