СТРУМИЦА ГОДИНАВА ЌЕ ВОВЕДЕ ЈАВЕН ПРЕВОЗ СО ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ СО КОЈ ЌЕ СЕ ОПФАТИ И ПРЕВОЗОТ НА УЧЕНИЦИ

    СТРУМИЦА ГОДИНАВА ЌЕ ВОВЕДЕ ЈАВЕН ПРЕВОЗ СО ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ СО КОЈ ЌЕ СЕ ОПФАТИ И ПРЕВОЗОТ НА УЧЕНИЦИПроекциите се да бидат воведени неколку линии во градот, но и за превоз на учениците од населените места до училишта во Струмица.(Фото: СДК.МК)

    Општина Струмица годинава ја почнува постапката за воведување јавен градски превоз со електрични автобуси. Стручните служби го изработуваат сообраќајниот проект со можните линии, постојки, модел на наплата, а до крајот на годинава се планира да се набават и десетина електрични автобуси. Возилата ќе се купат на лизинг, за што советниците изгласаа 12 милиони денари (околу 195.000 евра) од буџетот за оваа година да бидат наменети токму за овој проект.

    Проекциите се да бидат воведени неколку линии во градот, но и за превоз на учениците од населените места до училишта во Струмица. Како што рече градоначалникот Костадин Костадинов, отплатата на автобусите се планира да се врши како од сопствениот буџет така и од блок дотациите за превоз на учениците во Општина Струмица.

    „Целиот концепт е што ратата за лизингот со каматите би се покривале од блок дотациите кои ги добиваме од Министерството за образование за превоз на ученици. 148 милиони денари издвојува Министерството годишно за превоз на ученици во Струмица и тоа ни дава за право да воведеме јавен превоз и тоа еколошки. Секако дека нема да го преземеме превозот на сите ученици, туку само за децата од населените места од Општина Струмица. Во моментов се изработува целата потребна документација за која стручните служби од поодамна работат. Се разгледуваат опциите на кои релации ќе се воведе јавен превоз, каде ќе има постојки, кои се ќе бидат ослободени од плаќање итн. Целата постапка ја тераме паралелено. Се надевам дека до крајот на годинава би требало по струмичките улици да почнат да сообраќаат електрични автобуси“, вели Костадинов.

    Засега не се размислува отворање ново јавно претпријатие чија основна дејност ќе биде јавниот превоз. Целиот процес го води ЈП „Струмица гас“ кое најверојатно и ќе стопанисува со електричните автобуси, бидејки на една од последните седници на Советот доби ингеренции и за таа намена.

    „Анализите покажаа дека најисплатливо е јавниот превоз да биде со електрични автобуси. Ситуацијата е повеќе од созреана за да се реализира ваков проект во Струмица. Се планира да бидат опфатени сите населени места и јавниот превоз ќе биде можност да се намали користењето патнички возила, но и миграцијата од село во град“, кажа Благој Милановиќ, директор на „Струмица гас“.

    Воведувањето јавен превоз со електрични автобуси е една од мерките кои Општината ги предвидува за да го намали аерозагадувањето во Струмица, со оглед дека секоја година во зимскиот период мерните станици во градот покажуваат високо ниво на ПМ10 честички.

    В. ТРАЈКОВ 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира