СТРУМИЦА ЌЕ ГРАДИ 11 КИЛОМЕТРИ ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ СО 750.000 ЕВРА ОД ЕУ

    СТРУМИЦА ЌЕ ГРАДИ 11 КИЛОМЕТРИ ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ СО 750.000 ЕВРА ОД ЕУМлади со велосипеди одржаа „вело револуција“ заради поддршка на изградба на велосиедски патеки во Струмица. (Фото: СДК.МК)

    Речиси 11 километри велосипедски патеки ќе се градат во Струмица во рамките на проектот „Струмица – паметен вело град“ кој го финансира Европската унија со 750 илјади евра во рамките на програмата „ЕУ за општините“. Вело патеките ќе се градат вдолж три булевари, десетина улици и во големиот градски парк. Ќе бидат на дел од сегашните тротоари, а на одредени позиции ќе бидат дел и од улиците.

    Проектот кој ќе трае до 2025 ќе има за цел да обезбеди соодветна инфраструктура за да се користи велодиспедот како превозно средство, но и да се заштити животната средина од загадување од издувните гасови од моторните возила.

    „Вело патеките ќе бидат на асфалтна подлога. Но мора да се менуваат свеста и навиките кај струмичани. Сите дестинации се на блиско растојание, а поголемиот дел на градот е на рамен терен. Велосипедот е погоден за транспорт и за човековото здравје. Ако еден ден возилото го замениме со велосипед тоа ќе резултура со помало загадување на воздухот, намалена бучава, намален сообраќаен метеж, а подобро здравје“, кажа Ѓоко Ристевски од Локален економски развој (ЛЕР) Струмица.

    Вело патеките ќе се градат вдолж три булевари, десетина улици и во големиот градски парк. Ќе бидат на дел од сегашните тротоари, а на одредени позиции ќе бидат дел и од улиците. (Фото: Компјутерска симулција на патеките)

    Проектот ќе се реализира во повеќе фази. Освен изградба на велосипедски патеки, предвидува и можност за изнајмнување велосипеди од една до друга дестинација и реализација на низа активности кои треба да ја подигнат вело културата во Струмица.

    „Предвидените активности од проекот ќе влијат за подобрување на урбната мобилност во Струмица, ќе го промовираат немоторозираниот транспорт како здрав еколошки и економичен начин на превоз и ќе влијат на менување на сообраќајната култура. Освен мапирање и обележување на 10, 6 километри велосипедски патеки низ улиците во градот, ќе се набави опрема за воспоставување паметен систем за самоизнајмување на велосипеди, набавка на попратна опрема за одржување на патеките и кампања за подигање на јавната свест за немоторизиран транспорт“,  кажа градоначалникот Костадин Костадинов.

    Во Струмица денови се одржува Фестивал на љубителите на велосипедизмот, а на означувањето на проектот „Струмица паметен вело град“’ присуствуваа евроамбасадаорот Дејвид Гир и амбасадорите на Шпанија и Италија.

    „Се надевам дека ќе го реализирате проектот од кој корист ќе имат сите струмичани“, рече Гир.

    Во Струмица се одржуваат низа активности со кои се подига јавната свест за користење велосипед посебно кај младите. Во рамките на фестивалот, млади со велосипеди одржаа „вело револуција“ за да истакнат дека на Струмица ѝ е потребна велосипедска инфраструктура.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира