СТРУЖАНИ ПО ПОЖАРОТ ПОБАРАА ПОМОШ ОД ДАНСКА КОЈА ПРАВИ ЕДРИЛИЦИ НА КОИ СО ДЕЦЕНИИ СЕ ОБУЧУВАА МАКЕДОНСКИТЕ ЕДРИЛИЧАРИ

    СТРУЖАНИ ПО ПОЖАРОТ ПОБАРАА ПОМОШ ОД ДАНСКА КОЈА ПРАВИ ЕДРИЛИЦИ НА КОИ СО ДЕЦЕНИИ СЕ ОБУЧУВАА МАКЕДОНСКИТЕ ЕДРИЛИЧАРИПретседателот на „Снегар“ Лазо Горгоноски до Едриличарската федерација на Данска испрати и фотографии од пожарот (Фото: СДК.МК)

    По големиот пожар што на 21 јули ја уништи целата флота на едриличарскиот клуб „Снегар“ од Струга, оттаму побараа помош до Кралската едриличарска федерација на Данска, чија земја ги произведува почетничките модели на едрилици „оптимист“, на кои се обучуваа генерации струшки едриличари.

    „Ги информираме нашите колеги спортисти и пријатели дека најголем број наши едриличари, уште од 1980-ите години, ја почнале обуката на едрилиците ‘оптимист‘, произведени од данското претпријатие ‘Винер‘. Доколку имате можност и имате на располагање едрилици, ве молиме да ни помогнете да ги надминеме првичните кризни денови за одржување на активноста на клубот и да ги донирате на нашиот клуб”, им напиша претседателот на клубот Лазо Горгоноски на членовите на Едриличарската федерација на Кралството Данска.

    Тој потсети на штетата што пожарот му ја нанесол на клубот.

    „Пожарот значи откажување на организацијата на државните првенства, како и учество на закажаните регионални, балкански и европски натпревари и квалификации за Олимписките игри. Висината на штетата првично се проценува на околу 300.000 евра. Од сите бродови, спасени се само коритата од осум бродови од класата ‘оптимист‘ од постаро производство, но нивната опрема исто така е целосно изгорена”, напоменува Горгоноски во својот допис.

    „Снегар“ е основан во 1959 година во Струга. Во 1973 година почнал да учествува на натпревари на континенталните води во Србија, а во 1975 и на Јадранското Море. Од 1991 година, овој клуб е дел од Едриличарската федерација на Македонија.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира