СТУДЕНЧИШКО БЛАТО ВО ОХРИД ЌЕ СЕ ПРОГЛАСИ ЗА ПАРК НА ПРИРОДАТА ПОРАДИ ГЕОЛОШКИТЕ И БИОЛОШКИ ВРЕДНОСТИ

    СТУДЕНЧИШКО БЛАТО ВО ОХРИД ЌЕ СЕ ПРОГЛАСИ ЗА ПАРК НА ПРИРОДАТА ПОРАДИ ГЕОЛОШКИТЕ И БИОЛОШКИ ВРЕДНОСТИДенеска во Охрид се одржа јавна расправа за нацрт-законот (Фото: СДК.МК)

    Студенчишко Блато во Охрид ќе биде прогласено за заштитено подрачје од четврта категорија-Парк на природата поради геолошките и биолошки вредности и присуството на живеалишта и видови од национално и европско значење, беше кажано на денешната јавна расправа за нацрт-законот.

    Претставниците на Министерството за животна средина потенцираа дека Законот за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата ќе овозможи зачувување на природната состојба на локалитетот, спречување дејства што можат да ги нарушат живеалиштата и екосистемите и одржливо користење на природните ресурси. Вкупната површина на локалитетот кој ќе биде ставен под заштита изнесува 60,23 хектари. Предвидени се три зони: зона на строга заштита, зона на активно управување и зона на одржливо користење.

    Во зоната на строга заштита, која зафаќа 5,33 хектари или 8.85% од вкупната површина, ќе бидат забранети активности со кои се загрозува изворноста на природата и се нарушува природната рамнотежа. Дозволени ќе бидат само научно-истражувачки активности по претходно добиена дозвола.

    Општина Охрид, која ќе управува со Студенчишко Блато, е должна да обезбеди постојан мониторинг. Ќе се формираат и консултативни општински тела, совет на засегнати страни и научен совет, а ќе има и чуварска служба.

    Блатото е во загрозена состојба, кажаа присутните, поради присуство на депонија, прекината комуникација со езерото, палење и уништување на вегетацијата и формирање на обработливи површини. Поради ваквата негрижа, исчезнал голем број видови птици и риби.

    Сопствениците на имотите го поддржаа законот, но побараа валоризација и зачувување на вредноста на имотите, усогласување на заедничките интереси и овозможување одржливо користење и активности заради нивниот економски просперитет. Според нив, треба да им се дозволи изградба на објекти за домување, оти имотите им биле во зоната на одржливо управување.

    Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кажа дека има многу нејаснотии помеѓу ставовите на сопствениците на земјиштето и оние кои го предлагаат законското решение.

    „Факт е дека Студенчишко Блато мора да ја добие онаа форма на заштита што ја заслужува не само поради препораките на УНЕСКО, туку затоа што има редок растителен свет. Токму затоа е и поделбата на прва, втора и трета зона. Јас и понатаму ќе стојам на располагање за комуникација помеѓу двете засегнати страни“, рече Пецаков.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира