СТУДЕНТИ ОД УНИВЕРЗИТЕТОТ ВО ТЕТОВО ЕДЕН МЕСЕЦ ВОЛОНТИРААТ НА ПУНКТОТ ЗА МАСОВНА ВАКЦИНАЦИЈА

    СТУДЕНТИ ОД УНИВЕРЗИТЕТОТ ВО ТЕТОВО ЕДЕН МЕСЕЦ ВОЛОНТИРААТ НА ПУНКТОТ ЗА МАСОВНА ВАКЦИНАЦИЈАСтудентите помагаат околу евиденцијата на податоците и проверката на термините на граѓаните кои закажале вакцинација. (Фото: СДК.МК)

    Студентите од Факултетот за медицински науки при Универзитетот во Тетово веќе еден месец се вклучени во вакцинацијата во Тетовскиот регионален вакцинален центар, покрај медицинскиот персонал од Здравствениот дом во Тетово. Имунизацијата против ковид-19 тече во спортската сала на Средното медицинско училиште „Никола Штејн“ во Тетово.

    Студентите помагаат околу евиденцијата на податоците и проверката на термините на граѓаните кои закажале вакцинација.

    „Добивме барање за соработка од Министерството за здравство и од Општина Тетово и врз основа на тоа ангажиравме 23 студенти како испомош при процесот на вакцинацијата. Тие се апсолвенти на шестта година, односно 12-ти семестар од студиите по општа медицина, а дел од нив се од студиите по фармација, исто така апсолвенти од десетти семестар. Тие помагаат околу евиденцијата и контрола на термините за вакцинација на граѓаните од Тетово, Гостивар, и дел од Маврово-Ростуше“, вели деканот на Факултетот за медицински науки д-р Невзат Елези.

    Студентите работат на волонтерска основа заради дополнителни знаење при состојби каква што е оваа со пандемијата, но се прават напори нивната едномесечна волонтерска работа да им биде признаена и да им влезе во работниот стаж.

    „Студентите, со договор со Министерството за здравство, ќе бидат ангажирани 40 денови. Ако има потреба за втора акција, ќе ја смениме екипата зошто не е малку да се волонтира 40 денови. За нивниот досегашен ангажман има многу пофални зборови и позитивни рекции и од граѓаните кои дошле овде да се вакцинираат и од разни институции и од директорот на ‘Мој термин’. Јас ветив, согласно Лекарската комора и со дозвола на Министерството, да се направи обид овие студенти кој беа ангажирани на вакцинацијата да добијат и еден месец работен стаж“, кажа деканот Елези.

    Вакцинирањето на вакциналниот пункт во Тетово, кој ги опфаќа и Општините Гостивар и Маврово-Ростуше, започна на 2 мај, а во тек е вакцинирање со втората доза која досега ја примиле над 6.000 лица. Досега во Тетово се вакцинирани 10.507 со вакцината на „Синофарм“ и 370 со „АстраЗенека“.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира