СУДСКАТА ОДЛУКА ЗА ОТПУШТАЊЕ ЈА ОСТАВИ БЕЗ ПОРОДИЛНО МЕДИЦИНСКАТА СЕСТРА СО ПАТОЛОШКА БРЕМЕНОСТ ОД ЗДРАВСТВЕНИОТ ДОМ ВО БИТОЛА

    СУДСКАТА ОДЛУКА ЗА ОТПУШТАЊЕ ЈА ОСТАВИ БЕЗ ПОРОДИЛНО МЕДИЦИНСКАТА СЕСТРА СО ПАТОЛОШКА БРЕМЕНОСТ ОД ЗДРАВСТВЕНИОТ ДОМ ВО БИТОЛАПравосилната судска пресуда од Апелациониот суд е конечна и не амнестира никого, ни медицинската сестра која е бремена со патолошка бременост и која, за жал, ќе го изгуби правото на породилно отсуство. Јас се консултирав со стручни лица дали таа може да биде изземена, ми беше речено дека нема исклучок за никого по донесена судска одлука, вели директорката на Здравствениот дом Весна Спиркоска. (Фото: СДК.МК)

    Медицинска сестра со патолошка бременост е меѓу шесте медицински сестри од Здравствениот дом од Битола кои по судска одлука останаа без работа, па таа со отказот го изгуби правото на породилно отсуство и паричниот надоместок во првите девет месеци по породувањето.  Директорката на Здравствениот дом Весна Спиркоска на денешната прес-конференција рече дека медицинските сестри цело време за ковидкризата биле на работа, не го искористиле ни годишниот одмор и дека нивното отсуство се чувствува во ваков период кога има недостиг на медицицински кадар.

    Но, Спиркоска појасни дека отказите не се по нејзино барање, туку по правосилна судска пресуда од Апелациониот суд за спор во кој беше оспорен изборот на кандидати за медицински сестри по конкурс од 2018 година. Пресудата со која делумно се поништува изборот на шесте медицински сестри од девет примени на работа е донесена во јуни годинава.

    „Таа пресуда е конечна и не амнестира никого, ни медицинската сестра која е бремена со патолошка бременост и која, за жал, ќе го изгуби правото на породилно отсуство. Јас се консултирав со стручни лица дали таа може да биде изземена, ми беше речено дека нема исклучок за никого по донесена судска одлука. Не можев да го пролонгирам ни времето на извршување на правосилната пресуда зашто тоа е кршење на закон без разлика дали се случува за време на пандемија кога недостатокот за медицински кадар е голем “, рече директорката Спиркоска.

    САКАМДАКАЖАМ.МК достави прашања и до Министерството за здравство дали во вакви услови постои простор да ѝ се помогне на бремената медицинска сестра која остана без работа и без надомест за породилно отсуство. Одговор чекаме.

    Од Здравствениот дом сега очекуваат што ќе одлучи Врховниот суд со ревизијата.

    „Тие шест медицински сестри за времето на пандемијата дадоа голем придонес за работењето на Здравствениот дом. Со својата професионалност, работа во разни служби според вонредно поставените распореди во вонредна состојба. Тоа се случуваше кога голем број од вработените го користеа своето право за ослободување по основ на хронични болести и на боледување. Не успеаја да го искористат и правото на годишен одмор зашто во тој временски период здравствените работници не користеа одмори поради состојбата со ковид 19“, рече директорката Спиркоска.

    Нивното отсустно сега го отежна работниот процес, па Домот е во фаза на барање согласност во Министерството за здравство за повторно вработување на нови 12 сестри.

    Инаку, конкурсот беше објавен на пред две години, а на него за девет медицински сестри конкурираа 62 кандидати. Беше изготвена ранг листа и спроведено интервју, по што беше донесена одлука за избор на кадарот. Но, две медицински сестри тужеа зашто на работа влегоа кандидатки кои во рангирањето имаа освоено помалку бодови од нив . Судот одлучи дека не биле избрани најкомпетентните и побара делумно да се поништи  изборот на кандидати.

    Со години, по институциите се случуваше да влегуваат и кандидати со помалку поени, зашто со законот е оставено и дискреционото право на комисијата или директорот врз основа на интервјуто да го избере кадарот со кој ќе работи. За време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, слична ситуација имаше во Битолската болница каде влегоа и кандидати со помалку бодови, врз основа на дискреционото право на раководството по интервјуто да го избере за нив најкомпетентниот. Но, тогаш никој не тужеше.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира