Битолскиот градоначалник Владимир Талески, кој имаше навика да прави отчети за сработеното, на завршувањето од мандатот не даде отчет со колкав долг ќе ја остави Општина Битола. За да се добие таква информација, од советникот за односи со јавност Цветанка Ристевска ни беше кажано дека треба да доставиме Барање за слободен пристап до информации, зашто прашањето сме го поставувале за време на изборна кампања. Ако се земе предвид дека рокот за одговор е 30 дена, информацијата ќе треба да ни ја даде следната локална власт.
Во меѓувреме, Центарот за култура во Битола е првата институција која јавно соопшти дека Општината ѝдолжи пари.
„Општина Битола на Центарот за култура му должи 100.000 денари за манифестацијата Илинденски денови која се одржа во август годинава. Тоа беа пари што Општината ги дава на Центарот како помош за оваа интернационална манифестацијата, но сè уште не сме ги добиле“, рече директорот Зоран Димовски.
Од колицијата предводена од СДСМ најавија дека ако ја освојат локалната власт ќе направат ревизија на досегашното работење на Општината.
„Прецизни бројки за тоа колку должи Општина Битола немаме во моментот. Но, од контакти со граѓани, од луѓе кои соработувале Општина Битола добиваме фрапантни податоци за долговите. Кога ќе ги дознаеме, ќе ги соопштиме. Некои граѓани велат дека им се должи и по година дена“, вели Валентин Груевски, носител на кандидатската листа со советници од СДСМ и колицијата.
На интернет страницата „Мојот избор“ на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), објавен е податок дека новиот градоначалник на Општина Битола ќе наследи општински долг од 17, 343.339 денари.
САКАМДАКАЖАМ.МК спрати образец со писмено барање до Општина Битола со прашања колкав е долгот на Општината и на кого сè должат. Од Општината ни беше објаснето дека не можат да даваат информации без да биде доставен образец, зашто во услови на изборна кампања нивните изјави можат да бидат погрешно земени дека се во интерес на некого од кандидатите.
Против Талески и неговите соработници е поднесен обвинителен акт од СЈО за случајот „Транспортер“ за злоупотреби со превозот на ученици во Битола и проневера на 360.000 евра. Талески помина и тримесечен куќен притвор.
Ж. ЗДРАВКОВСКА