ТАЛЕСКИ ПОСИПАН СО ПАРИ ВЛАДИМИРКИ, ОПШТИНСКОТО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ГИ ИЗБРИША СНИМКИТЕ ОД ГЕРИЛА АКЦИЈАТА

    ТАЛЕСКИ ПОСИПАН СО ПАРИ ВЛАДИМИРКИ, ОПШТИНСКОТО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ГИ ИЗБРИША СНИМКИТЕ ОД ГЕРИЛА АКЦИЈАТАГерила акцијата се случи за време на средбата на Талески со доброволци кои се вклучиле во гасењето на огнот на Пелистер пред неколку дена, а додека летале парите владимирки се слушнале извици „еве пари, ако не ви беа доста“ (Фото: СДК.МК)

    Битолаченец Иван Чулаковски, кој учествуваше во гаснењето на пожарот на Пелистер, со печатени пари од 360.000 евра таканаречени владимирки или транспортерки го посипа денес битолскиот градоначалник Владимир Талески во свечената сала во Општина Битола. Герила акцијата се случи за време на средбата на Талески со доброволци кои се вклучиле во гасењето на огнот на Пелистер пред неколку дена.

    Градоначалникот прво им се заблагодарил на доброволците, а потоа Чулаковски зел збор и го искритикувал Талески дека не биле кадарни да го изгаснат пожарот.

    „Во салата беа претставници од Противпожарната единица, Директцијата за заштита и спасување и повеќемина доброволци. Талески зборуваше за настанот, а јас му реков дека како Општина не беа кадарни да го изгаснат пожарот и дека го трпиме со години. По ова ми возврати дека тој мене и моите соработници нè трепел три години, а јас бев во луѓето кои гаснеа во првите редови и ипратив апел по Интернет за акцијата со доброволци. Додека зборувавме летаа пари печатени 360.000 евра, кои ние ги нарекуваме транспортерки“, рече Чулаковски.

    Присутните велат дека додека летале парите слушнале извици „еве пари, ако не ви беа доста“.

    По ова беше повикано обезбедување. Чулаковски вели дека обезбедувањето и Талески натерале едно од лицата присутни на настанот да го избришеи снимениот материјал од герила акцијата на мобилниот телефон.

    Инаку, Чулаковски е еден од активистите на здружението „За нас се работи“ и е кандидат за советник од независната листа предводена од Габриела Илиевска.

    Против Талески и неговите соработници е поднесен обвинителен акт од СЈО за случајот „Транспортер“ за злоупотреби со превозот на ученици во Битола и проневера на 360.000 евра. Талески помина и тримесечен куќен притвор.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари