ТЕАРЦЕ ИМА ГОЛЕМ ПРОБЛЕМ СО КОРОНАВИРУСОТ, А ВЕЌЕ 10 ДЕНА Е РЕЧИСИ БЕЗ ВОДА ЗА ПИЕЊЕ

    ТЕАРЦЕ ИМА ГОЛЕМ ПРОБЛЕМ СО КОРОНАВИРУСОТ, А ВЕЌЕ 10 ДЕНА Е РЕЧИСИ БЕЗ ВОДА ЗА ПИЕЊЕОд јавното претпријатие „Хигиена“ велат дека една од причините за проблемот се минихидроцентралите на реката Бистрица (Фото: СДК.МК)

    Жителите на тетовското село Теарце веќе десетина дена со соочуваат со недостаток од вода за пиење. Преку ден нема вода и доаѓа дури во доцните попладневни часови. Теарце, веднаш по Боговиње и Тетово, е место со најмногу заразени со коронавирус во Тетовскиот регион. Досега тука се регистрирани 66 заразени лица, а голем број лица се во самоизолација, па недостатокот од вода уште повеќе ја усложнува и онака тешката ситуација.

    „Вода ни пуштаат навечер и тоа по малку. Никој не нѐ известува кога и колку вода ќе имаме. Ако ја начекаме водата, успеваме да наполниме шишиња и садови. Бојлер не можеш да вклучиш бидејќи нема притисок. А, ако треба повеќе вода, преку ден мораме да одиме до соседното село Слатина и оттаму да полниме. Нивите и бавчите ни се запустија, но не е само тоа. Во Теарце има доста луѓе кои се или заболени или се во изолација поради коронавирусот“, реагираат жителите на Теарце.

    Со водоснабдителниот систем во Општина Теарце управува јавното претпријатие „Хигиена“. Оттаму велат дека има повеќе проблеми зошто во Теарце има недостаток од вода за пиење.

    „Теарце од три места се снабдува со вода за пиење, но и покрај тоа, имаме многу проблеми. Водата доаѓа од изворите Лниште и Црвени карпи, но тие не се доволни, па дел од водата се зафаќа и од реката Бистрица. Првиот проблем настана со поплавите од 23 јуни, кога покрај Доброште, и Теарце беше зафатено од водената стихија. Вториот проблем е поради тоа што компанијата која менаџира со минихидроцентралите на реката Бистрица над Теарце прави чистење на речното корито и бунарите, а со тоа се заматува водата на реката и таква не можеме да ја користиме. Чистењето трае во периодот од 8 до 18 часот. Нѐ известија дека овие работи ќе се одвиваат до 8 јули. Затоа во овој период од денот се прекинува водоснабдувањето од зафатот од реката за да не навлезе кал во филтер станицата, а со тоа и во водоводната мрежа. Што се однесува до намалениот притисок во водоводната мрежа, тоа е најчесто поради нерационалното трошење на водата за пиење, бидејќи со неа се наводнуваат бавчите и нивите“, изјави Мефаил Мифтари од ЈП „Хигиена“ од Теарце.

    Жителите на Теарце со години имаат проблеми со водата за пиење и со нејзиниот квалитет. Најкритично беше во август минатата година, кога над 500 жители се пожалија на стомачни и други тегоби, а имаше и неколку посериозно заболени лица. Тогаш, по направената анализа, се утврди дека настанало фекално загадување на водата за пиење.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира