Градоначалникот на Радовиш Герасим Конзулов вели дека тендерот што Општина Радовиш го распиша вчера за набавка на 45 фигара како подароци за вработените жени во локалната самоуправа му бил подметнат, односно дека бил распишан без негово знаење.
„Тендерот е распишан без мое знаење за што ќе барам одговорност од вработените во одделението за јавни набавки. Можам да ве информирам дека за денот на жената 8 Март, триесетина наши службенички, но и од општина Конче ќе одат на дводневна екскурзија во Мелник, Бугарија. Оваа екскурзија не ја плаќаме со општински пари, туку со пари од рудникот Бучим, кој ни обезбеди спонзорство“, вели Конзулов.
ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА РАДОВИШ ГО ПОНИШТИ ТЕНДЕРОТ ЗА НАБАВКА НА ФИГАРА ЗА 8 МАРТ
Градоначалникот на Радовиш денес експресно го поништи тендерот, со кој беше предвидено да се потрошат 700 евра од општинскиот буџет.
„Поради непредвидени и објективни околности се промениле потребите на државниот орган и поради тоа јавната набавка се поништува“, стои во образложението на Бирото за јавни набавки.
В. ТРАЈКОВ