ТЕРМИНИТЕ ЗА ВАКЦИНАЦИЈА ОД СЕЗОНСКИ ГРИП ИСЧЕЗНУВААТ ЗА НЕКОЛКУ СЕКУНДИ, ФИЛИПЧЕ РЕЧЕ ОД ДЕНЕС ЌЕ ИМА ПЛУС ТЕРМИНИ

    ТЕРМИНИТЕ ЗА ВАКЦИНАЦИЈА ОД СЕЗОНСКИ ГРИП ИСЧЕЗНУВААТ ЗА НЕКОЛКУ СЕКУНДИ, ФИЛИПЧЕ РЕЧЕ ОД ДЕНЕС ЌЕ ИМА ПЛУС ТЕРМИНИ„Освен бесплатните вакцини немаме ниту од комерцијалните вакцини кои пациентите сами си ги плаќаат“, вели д-р Светлана Трифуновска од Тетово. (Фото: СДК.МК)

    Расте интересот за вакцинирање од сезонски грип кај населението од Тетово, но до термин за вакцина се доаѓа многу тешко. Најголемиот притисок го имаат матичните лекари кои сега се задолжени на своите пациенти да им обезбедат термин за вакцинација. Ако до неодамна со тешка мака можеше да се добијат по неколку термини, последнава недела термини нема, а ги нема ни комерцијалните вакцини по 800 денари.

    „Не се виновни матичните лекари што нема термини за вакцинација. Верувајте термините од апликацијата исчезнуваат за неколку минути, а некогаш и после две-три секунди ги снемува. Ние сме немоќни и не можеме да влијаеме врз ова. Имаме информации дека вака е и останатите градови. Освен бесплатните вакцини, немаме ниту од комерцијалните вакцини кои пациентите сами си ги плаќаат. Верувајте да имаше барем комерцијални вакцини во голема мерка ќе се намалеше и големиот притисок врз нас матичните лекари. Имаме сознанија дека наскоро ќе има има доволен број вакцини за сите“, вели др Светлана Трифуновска, координатор на матичните лекари од Тетово.

    Д-р Трифуновска вели дека со коронакризата обемот на работата на матичните лекари е многу зголемен бидејќи освен за хроничните болести на пациентите сега посебно внимание обрнуваат кон нивните пациенти кои се заразени со ковид-19. Во таков обем на работа, дневно треба по десетици пати да одговараат на телефонски повици од пациентите кои бараат термини за вакцинација од сезонски грип.

    „Оваа година тројно порасна побарувачката за вакцинирање од сезонски грип и тоа е добро бидејќи сфатија луѓето дека единствената заштита од вакви грипови се вакцините. Сепак сметам дека не смееше оваа година обврската за закажување на вакцинирање да падне на матичните доктори. Ние сме преокупирани со нашите пациенти кои веќе се заболени од ковид-19, а со обврската за закажување нерационално се користи нашето време кое во овој момент треба да биде насочено кон пациенти заразени со ковид-19“, рече  д-р Трифуновска.

    Министерот за здравство Венко Филипче вели дека од денеска ќе има поголем број термини за вакцинација.

    „Тоа што го видовме во овој изминат период е еден огромен интерес како што никогаш немало минатите години. Понатаму, еден дополнителен проблем којшто излезе на виделина, е практично системот на закажување, но токму поради големиот интерес. Електронскиот систем не можеше да ограничи еден наспроти друг матичен лекар да зафати помалку термини, на сето ова работеше системот Мој термин. И тоа што ќе се случува од денеска е да има поголем број термини и поголема достапност за матичните лекари, согласно досегашното искуство. Од денес, практично на некој начин ќе се ограничат матичните лекари да не може секој еден да зафати поголем број термини, во однос на другите матични лекари од таа регија и повеќе термини за вакцини“, најави Филипче.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира