НЕМА ВАКЦИНИ ПРОТИВ ГРИП, ЗАТОА НЕМА ТЕРМИНИ, ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ВЕЛАТ ЌЕ ИМА ЗА СИТЕ

    НЕМА ВАКЦИНИ ПРОТИВ ГРИП, ЗАТОА НЕМА ТЕРМИНИ, ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ВЕЛАТ ЌЕ ИМА ЗА СИТЕОд петокот, преку Мој термин нема ниту еден термин за закажување вакцинација против грип. (Фото: Принтскрин од вебстраната на Мој термин)

    Речиси еден месец доцнат дополнителните вакцини против сезонски грип за приватно вакцинирање со плаќање, а во државните здравствени институции не може да се најде термин за бесплатно вакцинирање. Матичните лекари низ цела земја секојдневно реагираат дека откако на 10 ноември стартуваше вакцинацијата, термини за бесплатни вакцини има многу малку и дека пациентите им се лутат и реагираат зошто толку доцна ќе се вакцинираат.

    „Во петокот не ни дадоа термин, а претходно вакцините кои беа дадени за три минути ги снема, на кој начин, како – не знам. Вакцините се голем проблем, ги раскараа докторите со пациентите. Пациентите се толку дрски, но не се криви. Добиваат од медиумите информација дека вакцина има, а реалноста е дека нема термини. Треба да се престане со вестите дека вакцини има, дека се криви матичните лекари, дека терминот зависи од нивната способност“, вели матичен лекар од Охрид.

    Вакцината е бесплатна за неколку категории на граѓани и тоа, лица над 65 години, лица со хронични заболувања, бремени жени, здравствени работници и деца до 5 години.

    „Мајка ми досега 4 пати имаше бронхопневмонија и иако е ризична група, не може да фати термин да се вакцинира ни на државно ни на приватно. Матичната лекарка тврди дека термини не се пуштаат. За да се вакцинираме на приватно, секој ден ѕвониме на одредените пунктови, никој не се јавува. Отидов јас пред 10 дена во амбулантата ‘Пролет’, ми рекоа нема вакцини, затоа не се јавуваат“, вели скопјанка која ја контактираше нашата редакција.

    Матичните лекари од повеќе скопски населби кои вчера ги контактиравме, како и од Штип, Струмица, Охрид, Струга, Битола, Тетово, Куманово и Велес, потврдуваат дека нема термини за вакцини, иако биле најавени дека во петокот ќе бидат пуштени.

    Министерството за здравство вели дека за оваа сезона набави  40.000 вакцини против грип, но лекарка од Скопје вели дека со ова темпо на вакцинација тие ќе се потрошат за 33 недели.

    „А вакцинацијата треба да заврши во рок од 2-3 недели, инаку нема логика некој да се вакцинира откако ќе почне сезоната на грип“, вели лекарката.

    Комерцијалните вакцини уште не се стигнати во Центарот за јавно здравје во Битола, од таму велат дали ќе бидат доволни за потребите на пациентите ќе се види откако ќе пристигнат. (Фото: СДК.МК)

    Во изминативе три петоци, кога се пушта апликацијата за закажување термини за вакцинација од сезонски грип, матичните лекари од Тетово едвај успеале да добијат по неколку термини бидејќи апликацијата веднаш се затварала. Минатиот петок, апликацијата воопшто не се отворила и не можело да се закаже ниту еден термин. Матичните лекари немаат информација што е причината за ова, но мислат дека нема доволно вакцини. Велат дека трпат голем притисок од пензионерите кои сакаат да се вакцинираат.

    И матичните лекари од Струмица тврдат дека во петокот немало објавени термини за вакцинација против сезонскиот грип за оваа недела. Директорката на Здравствен дом Струмица Љубица Митева, вели дека вчера во оваа установа не се вршело вакцинација, иако имале вакцини уште за три дена. Смета дека најверојатно станува збор за проблем во системот Мој термин кој во петокот паднал.

    Од 40.000 дози на вакцината против грип за 1 месец потошени 9.815, со вакво темпо вакцинацијата ќе заврши налето, велат матичните лекари. (Фото: СДК.МК)

    „Имаме вакцини за уште три дена, а веќе во среда очекуваме дополнително нова пратка. Во однос на термините мислам дека ќе се среди. Такви се уверувањата од Министерството за здравство, за што апелирам до пациентите за стрпливост. Од среда ќе има вакцинација за сезонскиот грип“,  вели Митева.

    Матичен доктор од една позната штипска ординација вели дека минатата недела, особено во петокот за време на неговата смена, на секои две минути барал слободен термин за вакцина од грип, но не успеал.

    „После два часа добив известување дека сѐ било потрошено. Дали некои други ординации успеале и како не знам, но јас за жал не успеав“ вели тој.

    Малку повеќе среќа имала ординацијата „Д-р Самарџиски“ која успеала преку Мој термин да обезбеди вакцини за 70 нејзини пациенти. Дежурната медицинска сестра вели дека таа и нејзините три колешки преку целиот ден биле на компјутер и така успеале да ги обезбедат потребните бесплатни вакцини од кои најголемиот дел отишле за пациенти кои најмногу имале потреба од вакцинација.

    Директорот на Центарот за јавно здравје во Охрид Сашо Точко вели дека комерцијалните вакцини ги очекуваат после 10 декември. Тој вели не се задоцнети, и бесплатните дополнителни ќе пристигнат во тоа време, до крајов на неделава.

    „Првично беа пуштени 600 вакцини, сега очекуваат нова дистрибуција до крајов на неделава и одговорно тврдам дека ќе има вакцина за сите оние на кои им е потребна. Вакцините не се задоцнети, има време да се создаде имунитет и верувам дека нема да има никаков проблем. Од првите вакцини останати се 18 кои, бидејќи во петокот немаше термини, ќе се дадат со вторите“, вели директорката на Здравствен дом Охрид Ајтен Зејноска.

    Доктор Фатмир Асани, претседателот на Здружението на матични лекари во Куманово, вели дека во петокот воопшто немале термини, а тоа е најверојатно затоа што нема вакцини; – Здравствен дом Куманово. (Фото: СДК.МК)

    Од Здравствениот дом во Битола велат дека од утре повторно ќе профункционираат редовните термини за вакцинација, досега се вакцинирани околу 700 битолчани, останати се уште 60 вакцини кои ги задоволуваат потребите за уште два работни дена, а се чека да пристигне и новата пратка со вакцини. Комерцијалните вакцини уште не се стигнати во Центарот за јавно здравје, од таму велат дали ќе бидат доволни за потребите на пациентите ќе се види откако ќе пристигнат.

    Матичните лекари во Куманово во просек дневно имаат по околу 30 термини, што е многу малку во однос на барањата на пациентите и бројот на ординации кои се над 100. Доктор Фатмир Асани, претседателот на Здружението на матични лекари во Куманово, вели дека во петокот воопшто немале термини, а тоа е најверојатно затоа што нема вакцини.

    „Ние веќе еднаш алармиравме до надележните да го зголемат бројот на термини за вакцинација, ама не добивме позитивен одговор. Во моментот тоа ни е најголемата мака, секојдневно се расправме со пациенти, кои не веруваат дека проблемот не е кај нас“, вели Асани.

    Тој додава дека уште ги нема ни комерцијалните вакцини, имало најава дека ќе стигнат после 10 декември, но тоа не е сигурно. Од Здравствен дом Куманово, велат дека тие досега добиле 700 бесплатни вакцини, од кои им останале уште 100. Очекуваат во наредниот период да добијат уште 2.000. Од Центарот за јавно здравје кажуваат дека уште ги немаат добиено комерцијалните вакцини, а кога ќе стигнат не знаат.

    Само што почна вакцинацијата на 10 ноември, за неколку часа се продадоа сите вакцини на приватно во Скопје. Во Центарот за јавно здравје Скопје се продадоа сите 2.000 дози од по 800 денари, а тогашниот директор д-р Александар Стојанов кажа дека чекаат да добијат уште 2.000 вакцини.

    Новиот директор на Центарот д-р Бесим Зеќири, вчера ни рече дека вакцините сѐ уште не се стигнати и дека нивната испорака се очекува до крајот на неделата. На нашето прашање зошто доцни испораката, бидејќи неофицијално до нашата редакција стигна информација дека првиот распишан тендер не бил успешен, д-р Зеќири вели дека не би можел да ни даде одговор, затоа што од неодамна е директор.

    Од Министерството за здравство велат дека вакцини има за сите.

    „Динамиката во вакциналните пунктови оди согласно отворените термини во Мој термин, кој се отвора секој петок. Вакцинацијата против сезонски грип до денес се одвива согласно утврдените планови, а во согласност со утврдените ковид протоколи за временска и физичка дистанца помеѓу пациентите“, одговори Министерството на нашите прашања зошто матичните лекари неколку дена не добиваат термини, на што се должи недостигот на термини и дали има недостиг на вакцини, како и дали се размислува за промена на менаџирањето на закажување.

    Според податоците од Националниот ситем за електронски евиденции во здравството – Мој Термин, заклучно со 3 декември, вакцинирани се 9.815 пациенти закажани преку матичен лекар, а од нив 2.103 пациенти од нив се од Скопје. Министерството за оваа сезона набави 40.000 дози на четири типни вакцини против грип, наменети за бесплатна вакцинација на ризични групи. Во споредба со минатата сезона, за која се набавија 28.000 дози на вакцини, Министерството вели дека оваа година за околу 40% се зголемија количините.

    Од кабинетот на министерот Венко Филипче апелираат  до граѓаните кои закажале термин за вакцинирање да се појават на пункт за вакцинација, а ако се спречени, резервираниот термин да го откажат.

    ЕКИПА ОД ДОПИСНАТА МРЕЖА НА САКАМДАКАЖАМ.МК


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира