Градоначалничката на Општина Тетово Теута Арифи изјави дека конечно е постигнат договор со жителите на гостиварското село Русино и од четврток, тетовскиот смет од дивата депонија на влезот во градот повторно ќе се депонира на регионалната депонија Русино. Ова е договорено на средбата на Полошкиот плански регион на која учествувале градоначалници од сите 9 општини од регионот како и преставници од бизнис секторот.
“Се договоривме до крајот на јануари наредната година да биде завршен планот за менаџирање со отпадот. Ние зедовме обврска да го реконструираме патот кој води до депонијата Русино, што беше едно од главните барања на жителите на село Русино, а се обврзавме и да го расчистиме отпадот кој сега се наоѓа на тој пат. Исто така, се договоривме да се превземат активности за расчистување на одводните канали за отпадните води. Бидејќи станува збор за поголема инвестиција за која е потребна и проектна документација, за оваа активност ќе се обратиме за помош од Владата,“ изјави Арифи после средбата.
Градоначалничката Арифи најави дека денеска и утре ќе биде ангажирана механизацијата од целиот плански регион, која ќе работи на реализација на договорените активности и се очекува од четврток на полноќ повторно да се започне со депонирањето на сметот на депонијата Русино.
Според досега направениот договор со жителите на село Русино, сметот до истоимената депонија ќе се транспортира од полноќ до 6 часот изутрина во летниот период и од 22 часот до 6 часот изутрина за зимскиот период.
Депонијата Русино, според Законот, е единственото место во полошкиот регион каде на законски начин сите општини можат да го депонираат отпадот. Во изминативе три месеци, жителите на село Русино го блокираа патот и не дозволуваа камионите со сметот да поминуваат низ нивното село. Тие, меѓу другото, бараа општините кои ја користат депонијата да им го реконструираат патот кој бил општетен од проаѓањето на тешката механизација.
Блокадата на патот кон депонијата придонесе во Тетово на претоварната станица на влезот од градот да се создадат планини од смет, бидејќи Јавното комунално претпријатие од Тетово не можеше навреме да го транспортира сметот на депонијата Дрисла во Скопје. Иако се очекува купиштата смет набрзо да бидат отстранети, долгорочно решение за овој проблем е изградба на покриена претоварна станица, за која ЈКП од Тетово веќе има изготвено проект но сѐ уште се бара соодветна локација која мора да ја одобри министерството за животна средина.