ТЕТОВО ЌЕ ГО ПОСКАПИ ПАРКИРАЊЕТО И ЌЕ ДОБИЕ НОВИ 2.850 ПАРКИНГ МЕСТА, НА ПОПОВА ШАПКА ЌЕ СЕ ГРАДИ КАТНА ГАРАЖА

    ТЕТОВО ЌЕ ГО ПОСКАПИ ПАРКИРАЊЕТО И ЌЕ ДОБИЕ НОВИ 2.850 ПАРКИНГ МЕСТА, НА ПОПОВА ШАПКА ЌЕ СЕ ГРАДИ КАТНА ГАРАЖАЗонското паркирање ќе поскапи за десет денари, а годишните карти за 1.500 денари (Фото: СДК.МК)

    Цените за паркирање во Тетово од 28 јануари ќе бидат повисоки за 10 денари. Оваа одлука беше донесена на последната седница на Советот на Општина Тетово. Покачувањето е со цел да му се помогне на „Градски паркинг“ да излезе од финансиската криза и поради тоа што цените не се променети од 2015, кога е основано јавното претпријатие.

    „Цените на зонското паркирање се покачени за 10 денари, па така во А зоната ќе изнесува 40 денари за еден час, а во Б зоната 30 денари. Покачени се и годишните карти, при што на затворените паркинзи место 1.500 денари, отсега ќе се наплатува 3.000 денари, а на зонските паркинзи цената е зголемена од 3.000 на 4.500 денари и ова важи само за жителите од зградите во зоната на паркингот. Со овие нови цени се надеваме дека претпријатието ќе може да се рестартира и да има месечен прилив на средства колку да може да ги подмири основните трошоци на работењето, додека настанатите загуби од изминатиов период ќе се сервисираат преку изградба на нови паркинг места во текот на оваа година. Долгот на претпријатието изнесува 236.000 евра“, вели Игор Додевски, новиот директор на ЈП „Градски паркинг“ во Тетово.

    Излез од тешката состојба која настанала поради недомаќинското работење на претпријатието во претходните години градоначалникот Билал Касами гледа во изградба на нови паркинзи. Неговиот амбициозен план предвидува 2.850 нови паркинг места, па со постоечките 640, до крајот на годината Тетово би требало да има околу 3.500 паркинг места. Овој план ќе се реализира по етапи.

    „Во првата фаза јануари-март ќе имаме дополнителни 195 паркинг места на зонските паркинзи и 230 во затворените паркинзи. За нив е потребно да се добие сообраќаен проект и согласност од СВР Тетово. Во втората фаза април-јули предвидуваме 415 нови паркинг места во затворените паркинзи. За оваа фаза ќе треба да се извршат геодетски мерења, да се подготват инфраструктурни и сообраќајни проекти и да се добијат соодветни дозволи и согласност од СВР Тетово. Во третата фаза, во периодот јули-септември, ќе се обезбедат дополнителни паркинг места на двата најголеми булевара во градот, 180 на Илинденска и 150 на Благоја Тоска. Четвртата фаза, која ќе биде до крајот на годината, ќе донесе уште 130 места во затворените паркинзи“, најавува Касами.

    Како петта фаза тој најави изградба на катни гаражи кај пазарот и судот со вкупно 630 места, како и катна гаража на Попова Шапка со капацитет за 924 возила.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира