ТЕТОВСКАТА КАСАРНА ГИ СКАРА ЕКОЛОГИСТИТЕ И БЕСА

    ТЕТОВСКАТА КАСАРНА ГИ СКАРА ЕКОЛОГИСТИТЕ И БЕСАВо рекламниот спот на Касами, на просторот на сегашната тетовската касарна се предвиува да се изгради комплекс од 35 повеќекатни згради, трговски центар и други објекти. - (Илустрација на проектот од спотот)

    Тетовските екологисти од движењето „Еко Герила“ остро регираат на објавениот рекламен спот на кандидатот за градоначалник на Движењето Беса Биљал Касами, насловен „Касарна под водство движење Беса” со кој што на граѓаните на општина Тетово им се ветува дека на просторот каде што сега се наоѓа тетовската касарна на АРМ ќе се изгради голем комплекс од станбени згради и трговски центар.

    „Сакаме да потсетиме дека на 5 декември 2016 година, Движењето Беса заедно со уште неколку претставници на други политичките партии, потпишаа Меморандум со движењето Еко Герила ветувајќи дека ќе се залаагаат, без разлика дали се во позиција или опозиција , тетовската касарна да се претвори во Градски парк. Затоа ние бараме господинот Касами да го повчеле рекламниот спот, бидејќи тој е во спротивност со потпишаниот меморандум. Тетово е еден од најмалку зелените градови и секоја тенденција и понатаму да се бетонизира, ќе биде предмет на силно спротивставување од граѓаните“, изјави Аријанид Џафери од Движењето “Еко Герила“.

    Овој меморандум на „Еко Герила“ беше потпишан во пресрет на предвремените парламентарни избори во декември 2016 година. Со него, претставниците на партиите ДПА, ПДП, Алијансата за Албанците и Движењето Беса, се обврзаа дека активно ќе работат на решавање на проблемот со депонијата во Тетово, дека ќе отпочнат постапка за трансформација на касарната во Тетово во градски парк и дека нема да се дозволи повторно активирање на „Југохром“ без поставување на филтри за пречистување на отпадните гасови.

    Во спотот на Движењето Беса, кој веќе се емитува по некои медиуми и на социјалните мрежи и каде се најавува овој, како што го наречуваат мега проект, на површина од над 270.000 м2 на просторот на сегашната тетовската касарна се предвиува да се изгради комплекс од 35 повеќекатни згради, трговски центар и други објекти.

    На рекцијата на „Еко Герила“ одговори лидерот на Беса Биљал Касами. Тој на Фејсбук вели дека во тој план се предвидува да се изгради и парк и дека 60% од површината ќе била зеленило. Тој исто така наведе дека е свесен за проблемите на градот, но дека треба да се размислува и за негово проширување.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира