На почетоков на овој месец, жена од Косово дошла во Клиничката болница во Тетово и донела шестмесечно бебе без знаци на живот. Откако докторите не успеале да го реанимираат, таа си го зела телото на бебето и си заминала. Од Tетовската болница дури вчера го пријавиле случајот.
„Вработена на Одделението за педијатрија во тетовската Клиничка болница вчера во 9 часот и 45 минути во СВР Тетово пријавила дека на 9. овој месец околу 7 часот, женско лице од Република Косово донело шестмесечно бебе без знаци на живот, кое лекарите од ова Одделение се обиделе да го реанимираат, но не успеале во тоа и констатирале негова смрт. Женското лице од Косово потоа го зело бебето и медицинската документација и заминало одбивајќи да се изврши обдукција. Во координација со јавен обвинител се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот“, соопшти портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.
По пријавата полицијата и тетовското Јавно обвинителство преземаат активности за расчистување на случајот со цел да се утврди зошто од Тетовската болница случајот не е веднаш пријавен во полицијата, дали станува збор за прикривање, немарност или некоја друга причина.
З. АНДОНОВ