Општина Тетово го објави вториот јавен повик за субвенции за набавка на инвертер клима-уреди и тоа предизвика невидени турканици пред канцеларијата каде се примаат пријавите. Иако повикот се однесуваше за само 89 инвертер клима-уреди, неколку стотини граѓани уште од рано утрото ја преплавија општинската зграда и создадоа голема турканица и метеж проследени со вербални расправии. Поради тоа, беше повикана тетовската полиција за да воспостави ред. Набрзо по интервенцијата на полицијата состојбата се смири и сите што беа дојдени успеаја да ги достават потребните документи.
„Само едно лице по домаќинство (станбен објект) може да поднесе барање за добивање надоместок, при што барањето може да опфаќа еден или повеќе уреди, но барателот мора да ги исполнува условите од јавниот повик, односно да предаде онолку печки на дрва или нафта, колку што ќе набави уреди. Надоместокот на трошоците при набавка на сите уреди нема да надмине повеќе од 62.000 денари. Приемот на документите и добивањето субвенција се одвива по правилото прв дојден, прв услужен“ се вели во јавниот повик.
Првиот повик Општина Тетово го објави во август 2020 и се однесуваше на субвенционирање на 1.500 инвертери. Иако на почетокот од објавата на огласот интересот кај тетовци беше мошне слаб, една недела пред неговото завршување, повторнио со големи турканици, беа поднесени и повеќе од 1.500 барања. Комисијата, која ја формира Општина Тетово, ги разгледала сите пристигнати барања и утврдила дека 89 од нив не ги исполнуваат условите или документацијата не била комплетна, па затоа вчера објави нов јавен повик.
Од Општина Тетово денеска соопштија денеска јавениот повик се затвора пред предвидениот рок, поради тоа што е пополнет број од 89 апликации и за да се избегнат турканиците кои се создаваат во холот на Општината, а во услови на ковид-19.
З. АНДОНОВ