Универзитетските професорки Цутка Јовановска, Марина Спасовска и Марина Даниловска од Универзитетот во Тетово ја издадоа публикацијата „Македонска граматика што зближува“ која има за цел полесно совладување на материјата кај ученици на кои македонскиот не им е мајчин јазик. Промоцијата се одржа на Филолошкиот факултет во Тетово.
Публикацијата посветена на македонската граматика е учебно помагало, преведено и на албански јазик, а тематски е поделена на два дела со тематски единици од областа фонетиката и фонологијата. Во вториот дел се обработени тематски единици од морфологијата.
„Публикацијата ‘Македонска граматика што зближува/прв дел’ (Gramatika maqedonase që afron/pjesa e pare) е учебно помагало наменето за повеќе целни групи како студенти и ученици со на кои македонскиот јазик не им е мајчин, за наставници и сите кои сакаат да ги усвојат фонетско-фонолошките и морфолошки норми на македонски јазик. Секоја методска единица е обработена со едноставен стил наменет за целната група корисници. Секое граматичко правило за кое сметавме и за кое практиката ни покажа дека треба го преведовме на албански јазик со цел правилно разбирање на материјата“, рече професорката Цутка Јовановска на промоцијата.
„Нашата желба беше овој учебник да биде корисен и разбирлив за сите кои го изучуваат македонскиот јазик и за еден поширок круг на корисници па затоа искрено се надеваме дека ќе биде добредојден“, рече професорката Марина Даниловска.
Оваа граматика е резултат на нивната долгогодишна работа со студенти на катедрата по македонски јазик на Филолошкиот факултет при Државниот универзитет во Тетово, која годинава слави две децении постоење.
„Оваа граматика се однесува на албански корисници кои ќе имаат голема полза од неа, бидејќи сето тоа е преведено на албански јазик“, рече професорката Марина Спасовска.
З. АНДОНОВ