ТЕТОВСКИТЕ ГИМНАЗИЈАЛЦИ ОД МАКЕДОНСКИТЕ ПАРАЛЕЛКИ УЧАТ ОНЛАЈН ОТИ ВО УЧИЛИШТЕТО НЕМА ГРЕЕЊЕ

    ТЕТОВСКИТЕ ГИМНАЗИЈАЛЦИ ОД МАКЕДОНСКИТЕ ПАРАЛЕЛКИ УЧАТ ОНЛАЈН ОТИ ВО УЧИЛИШТЕТО НЕМА ГРЕЕЊЕОд раководството на гимназијата велат дека нафтата е нарачана и дека утре или најдоцна на крајот од неделава, објектите ќе добијат греење. (Фото: СДК.МК)

    Веќе втора недела, во двата објекти на тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ во кои учат македонските паралелки наставата се следи онлајн, бидејќи во објектите нема греење. Последните количини нафта за системот за затоплување се потрошиле уште минатиот вторник, па учениците премрзнувале во ладните училници,  по што наставниот кадар одлучил наставата да се одржува онлајн.

    „Секој ден добивавме информација дека наредниот ден ќе стигне нафтата, ама ништо од тоа“,вели Синиша Серафимовски, родител на средношколец од тетовската гимназија.

    Од раководството на гимназијата велат дека нафтата е нарачана и дека утре или најдоцна на крајот од неделава, објектите ќе добијат греење.

    „Нафтата потребна за затоплување на објектите била потрошена предвреме, бидејќи во еден од објектите каде се следи настава на македонски јазик во попладневните часови се користи од Спортската академија, а тие се тука веќе 5 години. Ние нарачавме нафта, но можеби доцни затоа што од компанијата од каде што треба да ни ја донесат имаат многу нарачки и најверојатно не можат да постигнат со доставувањето“,  велат од раководството на тетовската гимназија.

    Од таму не одговорија зошто навреме не реагирале и не обезбедиле доволни количина нафта за загревање на училиштето.

    Во двата објекта на старото медицинско училиште, кои сега се дел од тетовската гимназија, наставата се следи на македонски јазик, додека учениците Албанци учат во централниот објект на гимназијата.

    Во изминативе десет години, учениците Македонци повеќе пати протестираа и ја бојкотираа наставата барајќи соодветно место за учење. Во еден период на протести наставата ја држеа и на градскиот плоштад како и во салата на Советот на Општина Тетово. Изминативе неколку години, секоја нова Влада на учениците им ветуваше дека за нив ќе се изгради современ училиштен објект, но останаа само ветувања, а наставата на македонски јазик и понатаму се одржува во два застарени објекта направени во првата половина на минатиот век.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира