ТЕТОВСКИТЕ КОМУНАЛЦИ ОСТАНАА БЕЗ ПЛАТА И ХОНОРАРИ ОТИ ГРАЃАНИТЕ НЕ ГИ ПЛАЌААТ СМЕТКИТЕ ЗА ВОДА

    ТЕТОВСКИТЕ КОМУНАЛЦИ ОСТАНАА БЕЗ ПЛАТА И ХОНОРАРИ ОТИ ГРАЃАНИТЕ НЕ ГИ ПЛАЌААТ СМЕТКИТЕ ЗА ВОДАСоветот изгласа на ЈКП Тетово да му се даде финансиска помош за исплата на заостанатиот долг кон вработените.(Фото: СДК.МК)

    Јавното комунално претпријатие од Тетово се дави во долгови. Должи над 10 милиони евра, од кои пола милион евра се неисплатени плати од август до сега за околу 200 работници ангажирани со договор за дело. Најголемиот дел од нив се работници кои работат на чистење и собирање на ѓубрето низ градот, како и одржување на градскиот водовод.

    ЈКП им должи плати и на дел од редовно вработените кои плата не добиле за последните два месеци. Поради ова, на барање на ЈКП, денеска беше свикана вонредна седница на Советот на Општина Тетово на која се побара Општината да издвои средства за доделување финансиска помош за претпријатието.

    „Долговите што ги има ЈКП се стари и повеќе од 10 години, а во последно време тие драстично се зголемија поради поскапувањето на горивото, електричната енергија и поради многу ниската наплата на побарувањата од страна на граѓаните. За исплата на долговите кон времено вработените потребни се околу 34 милиони денари. Ние ќе направиме една анализа и ќе ја доставиме до секторот за финансии  и според тоа колку средства ќе има Општината така ќе го подмируваме долгот кон нив. Мислиме дека до крајот на годината ќе ги средиме овие обврски“ вели претседавачот на Советот на Општина Тетово Бесар Дурмиши.

    Долгот на ЈКП се зголемувал од година во година и тоа најмногу зошто претпријатието не успеа да најде начин како целосно да ги наплати сметките за вода, за смет и за другите услуги што ги нуди.

    „Оваа седница е свикана по барање на ЈКП поради неговата неликвидност и долговите кои се направени години наназад, како од страна на граѓаните кон ЈКП така и од нашето претпријатие кон добавувачите. Кога граѓаните редовно би го плаќале сметките тогаш не би имале никакви проблеми, но сега само 25% од граѓаните редовно ги плаќаат сметките, а на годишно ниво доаѓаме до 50% и тоа само затоа што ненаплатените обврски ги даваме на извршители, нотари и други судски процедури“, Љуљзим Шаќири раковител на сектор во ЈКП Тетово.

    Но, и во ваква тешка состојба во која се наоѓа ЈКП дојде до израз партиската спротиставеност па советниците од опозицијата предвреме ја напуштија седница. Тие побараа поголема транспарентност и увид во списоците на лицата ангажирани со договор за дело велејќи дека во најголемиот дел биле партиски војници на кои партијата на власт им се оддолжува.

    И покрај напуштањето на седницата, Советот со мнозинство гласови ја усвои одлуката на ЈКП Тетово да му се даде финансиска помош за излез од тешката состојба и за исплата на заостанатиот долг кон вработените со договор за дело.

    З.АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира