Планинарите од планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово и оваа година останаа верни на традицијата, па на вториот ден од Новата година повторно се искачија на вториот по височина врв на Шар Планина, Љуботен висок 2.499 метри, по кој и клубот го носи името. На врвот и оваа година се искачија само неколку најискусни планинари, бидејќи качувањето во зимски услови на Љуботен е многу тежок потфат.
„Веќе цел век, планинарскиот клуб ‘Љуботен’ на овој ден гордо ја отвора ‘Шарпланинската порта’, токму на врвот Љуботен, симбол на нашата љубов кон природата и посветеност на планинарството. Оваа година славиме нешто повеќе од јубилеј, славиме 100 години традиција, меѓусебна почит и градење на вредности. ‘Љуботен’ отсекогаш бил многу повеќе од клуб. Тоа е заедница што ги поврзува срцата на љубителите на планините, историја што сведочи за упорноста на генерациите, и визија што ја обликува иднината на планинарството во Македонија“, велат од „Љуботен“.
Планинарскиот клуб „Љуботен“ е еден од најстарите и најактивни планинарски клубови во Македонија, а во март оваа година ќе прослави 100 години од своето постоење. Клубот е основан во 1925 година од неколку тетовчани, љубители на планинарењето и зимските спортови.
З. АНДОНОВ