ТЕТОВСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ ЈА ПОКАЖАА НАЈНОВАТА ОПРЕМА ЗА ГАСНЕЊЕ ПОЖАР И ИНТЕРВЕНЦИИ ПРИ ЕЛЕМЕНТАРНИ НЕПОГОДИ

    ТЕТОВСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ ЈА ПОКАЖАА НАЈНОВАТА ОПРЕМА ЗА ГАСНЕЊЕ ПОЖАР И ИНТЕРВЕНЦИИ ПРИ ЕЛЕМЕНТАРНИ НЕПОГОДИМинатата година тетовските пожарникари имале 586 интервенции. (Фото: Зандон)

    По повод Денот на пожарникарите, припадниците на територијалната противпожарна единица од Тетово денеска на градскиот плоштад во Тетово одржаа показна вежба на која ја покажаа својата подготвеност и опременост во справување не само со пожари, туку и со секаков вид елементарни непогоди.

    На презентацијата тие покажаа како се справуваат со несреќа во која од цистерна истекла опасна хемиска материја, потоа покажаа како спасуваат патници во тешка сообраќајна несреќа користејќи најсовремена опрема за сечење метал и како интервенираат при пожари на високи згради.

    „Противпожарната единица од Тетово брои 75 вработени пожарникари, но ни се потребни уште толку пожарникари за да можеме ефикасно да го покриеме целиот овој регион. Тој простор е многу голем, најодалечената точка ни е на 36 километри од Тетово во правецот кон границата со Косово, кон Гостивар покориме 16 километри, а кон Скопје 18 километри простор. под наша надлежност се и сите села на Шар Планина од овој регион. Тоа е голема одговорност и затоа со градоначалникот настојуваме да се дисперзира нашата дејност во неколку околни општини“, изјави Авни Амети, командир на противпожарната единица од Тетово.

    Новото противпожарно возило чии скали достигнуваат височина од 37 метри. (Фото: Зандон)

    Тетовските пожарникари на оваа вежба за прв пат пред јавноста ја претставија најновата противпожарна опрема, а со посебна гордост зборуваа за новото противпожарно возило чии скали достигнуваат височина од 37 метри. Досегашните противпожарни возила од овој вид кои ги имаа тетовските пожарникари досегнува до височина од само 7 метри.

    „Овие противпожарни скали уште не се употребени бидејќи сѐ уште трае обуката за нивната употреба која ја обавува против пожарната организација „Флоријан“ од Англија. Оваа против пожарна скала достигнува до височина од 37 метри со што сега при пожар или друга потреба, можеме успешно да интервенираме и на највисоките катови на тетовските згради. Исто така нашите пожарникари за прв пат се обучуваат од нашите пријатели од организацијата ‘Флоријан’ како да интервенираат при несреќи кога има истекување на отровни хемикалии“, изјави Амети.

    На показната вежба покрај градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами, присуствуваа и претставници од Организацијата „Флоријан“ од Англија, со која тетовските пожарникари имаат долгогодишна успешна соработка и кои се едни од главните донатори на против пожарна опрема за станицата во Тетово.

    „Од ова што го видовме слободно можеме да кажеме дека имаме една од најподготвените противпожарни екипи во државата. Со новото возило со скали и со сета опрема што тетовските пожарникари ја имаат можеме да бидеме задоволни и може да кажеме дека против пожарната и спасителната служба од Тетово е една од најподготвените во рамките на државата“, рече градоначалникот Касами.

    Минатата година тетовските пожарникари имале 586 интервенции од кои поголемиот дел биле на отворен простор и во објекти, а годинава досега интервенирале 213 пати.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира