ТЕТОВЦИ ЛАНИ 132 ДЕНА ДИШЕЛЕ ЗАГАДЕН ВОЗДУХ, НАЈКРИТИЧНИ БИЛЕ ЗИМСКИТЕ МЕСЕЦИ

    ТЕТОВЦИ ЛАНИ 132 ДЕНА ДИШЕЛЕ ЗАГАДЕН ВОЗДУХ, НАЈКРИТИЧНИ БИЛЕ ЗИМСКИТЕ МЕСЕЦИОд Центарот за јавно здравје велат дека само гасификацијата може да ја подобри состојбата со воздухот во Тетово (Фото: СДК.МК)

    Тетовци и натаму дишат загаден воздух. Од месечните податоци од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух се гледа дека лани во Тетово имало 132 дена кога била надмината дозволената гранична вредност од 50 ПМ10 честички на кубен метар. Според светските здравствени стандарди, во една календарска година не треба да има повеќе од 35 дена со загаден воздух.

    За Тетово најкритични биле зимските месеци, па така во јануари имало 18 дена кога воздухот бил загаден над дозволената граница, во февруари 21, а во декември дури 28 дена.

    „Може да се види дека воздухот во Тетово е најзагаден во месеците кога има затоплување со дрва. Се покажува дека сегашните мерки не се доволни и дека ваквата состојба не може да се превенира, туку е потребно нејзино радикално решавање. Постојано повторуваме дека гасификацијата е тоа радикално решение кое ќе доведе до подобрување на состојбата со воздухот во Тетово. Свеста кај населението за аерозагадувањето е на ниско ниво, а и сиромаштијата си го прави своето, па се ложи со отпадни материјали. Акцијата за замена на печки на дрва со инвертери е добра, но тоа се покажува недоволно“, изјави Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје во Тетово.

    Тој потсетува дека долготрајното дишење загаден воздух носи тешки последици по здравјето на луѓето.

    Државниот автоматски мониторинг систем ја мери загаденоста на воздухот во Тетово само на една мерна станица во чија близина често се изведуваат градежни работи. Затоа е потребно нејзино дислоцирање, како и поставување мерни станици на разни локации во градот.

    Тетовци најмногу се соочуваа со загадениот воздух во 2015 година, кога дури 350 дена имало високо присуство на штетните ПМ10 честички.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира