ТЕТОВЦИ НА МИРЕН МАРШ ЗА ПОЧИТ КОН ПОЧИНАТИТЕ ВО ПОЖАРОТ ВО МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА

    ТЕТОВЦИ НА МИРЕН МАРШ ЗА ПОЧИТ КОН ПОЧИНАТИТЕ ВО ПОЖАРОТ ВО МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦАКако организатор на маршот се јави навивачката група на ФК „Шкендија“ од каде рекоа дека во овој протест нема политика. (Фото: СДК.МК)

    Во Тетово денес беше одржан граѓански марш во знак на почит кон 14 луѓе кои ги загубија животите во пожарот кој на 8-ми септември изби во објектот на модуларната ковид болница во Тетово. Маршот започна од градскиот плоштад откако првин симболично беа засадени дрвја во знак на почит кон загинатите сограѓани.

    Групата тргна од градскиот плоштад и се движеше преку булеварот „Илинденска“ сè до опожарениот објект на модуларната болница . Полицијата, која го обезбедуваше просторот не дозволи учесниците на маршот да дојдат пред болницата, туку само на неколку претставници да положат венец и цвеќе.

    Потоа, по муслимански обичај, учесниците на протестот клекнаа и така им оддадоа почит на починатите. Како организатор на маршот се јави навивачката група на ФК „Шкендија“ од каде рекоа дека во овој протест нема политика.

    „Ние сме навивачи, ова не е протест, не е политички мотивиран, туку само мирен марш за почит кон загинатите во пожарот“, изјави Башким Идризи од навивачката група „Балисти“ кои, преку социјалните мрежи, ја покренаа иницијативата за маршот на кој му се придружија голем број граѓани од Тетово.

    „Дојдов тука на овој марш во знак на почит кон починатите. Лично се гледам како одговорен, бидејќи овие последни години сите ние сме молчеле на сите лоши работи што се случувале овде и ова е капка на сѐ, на сите трагедии што овде се случија во последните години. Се надевам дека народот веќе ќе сфати дека мора да се направи нешто, а да се направи нешто секој мора да се почувствува одговорен. Со нашето молчење со нашето проголтување на сите лоши работи кои се случиле ние на некој начин сме дале придонес за ваквите работи. Се надевам дека ќе се освестиме сите и ќе дадеме придонес да ги спречиме овие работи“, изјави Беким Демири, учесник на маршот.

    По маршот и церемонијата на положување венец и цвеќе кај изгорената модуларна болница групата граѓани мирно го напушти местото.

    З. АНДОНОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира