ТЕТОВЦИ СО ПРОТЕСТ ЈА ОДБЕЛЕЖАА ДВЕГОДИШНИНАТА ОД ПОЖАРОТ ВО МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА ВО КОЈ 14 ЛИЦА ГО ЗАГУБИЈА ЖИВОТОТ 

    ТЕТОВЦИ СО ПРОТЕСТ ЈА ОДБЕЛЕЖАА ДВЕГОДИШНИНАТА ОД ПОЖАРОТ ВО МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА ВО КОЈ 14 ЛИЦА ГО ЗАГУБИЈА ЖИВОТОТ Демонстрантите најмногу осуди искажаа кон правосудниот систем во земјата, а од страна на членовите на семејствата на загинатите беа упатени неколку барања. (Фото: СДК.МК)

    Неколку стотина граѓани на Тетово денеска со протести ја одбележаа две годишнината од трагичниот настан кога, во пожар што изби во модуларната ковид болница, животот го загубија 12 пациенти и двајца од семејствата на болните.

    Протестот започна во кругот на Клиничката болница во Тетово пред платото каде до неодамна се наоѓаше модуларната болница. Граѓаните со голем број транспаренти и со 14 изгорени маици кои ги симболизираа жртвите во пожарот, уште еднаш побараа пред лицето на правдата да се изнесат оние кои навистина се одговорни за оваа трагедија. Исто така голем број обвинувања беа упатени до Јавното обвинителство бидејќи сметаа дека тоа не ја завршило работата како што треба и ги штити вистинските виновници за пожарот.

    „И денес, како и пред две години, сé уште ни се свежи сеќавањата на нивните врисоци и плачот, беа изгорени пред нашите очи, а ние бевме немоќни да ги спасиме. Тие денес не се меѓу нас само затоа што не се почитуваа градежните стандарди. Се обидоа да нé исплашат и замолчат вреднувајќи ги нивните животи со неколку илјади евра и се обидоа да ги скријат вистинските виновници за оваа трагедија. Црниот чад што го прекри градот таа ноќ, денеска ја покрива правдата во оваа земја. Довербата во правосудниот систем е нула. Корупцијата убива. Судството и Обвинителството се дел и бранители на организираниот криминал, корупцијата, злото и олигархијата. 14 жртви, нула денови затвор“, се вели во пораката која пред протестантите ја прочита Мумин Исмаили, чија мајка беше една од жртвите во пожарот.

    И овој пат демонстрантите најмногу осуди искажаа кон правосудниот систем во земјата, а од страна на членовите на семејствата на загинатите беа упатени неколку барања.

    „Како членови на семејствата чии најблиски настрадаа во пожарот итно бараме: Да се отвори судска постапка за причините за пожарот; Повторно да се преиспитаат решенијата од прелиминарниот претрес во Судот во Тетово; Разрешување на главниот обвинител Јовески заедно со главниот обвинител во Тетово Бесир Алиу и обвинителите Зорица Павловиќ, Дејан Петрески, Ханифе Амети и други инволвирани во ова кривично дело“, беше наведено во барањата.

    Од платото пред поранешната модуларна болница големата маса протестанти помина покрај Клиничката болница и движејќи се по главните улици од градот дојде пред Основниот суд каде повторно беа прочитани барањата. Дел од демонстрантите се качија на скалите од судот каде поставија банер и транспаренти, а еден од нив ја запали и сликата со обвинителот Јовески.

    „Ние бараме нова истрага, но дали ќе има тоа не знаеме. Ние ќе продолжиме со протестите и понатаму“, рече Мумин Исмаили на крајот од протестот.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира