Дивата депонија за смет на влезот во Тетово и понатаму се шири. Сега сметот почна да се истура на надвозникот од патот, па тони и тони отпадоци му висат над глава на секој кој со автoмобил влегува во Тетово. Од ЈКП Тетово тврдат дека се немоќни навреме да го соберат сметот бидејќи, како што тие велат, тука смет истураат и приватни лица со камиони. Решението за оваа дива депонија се гледаше во изградба на претоварна станица, каде сиот смет кој во текот на денот ќе се собере во градот ќе се селектира и пресува во големи 35 тонски контејнери, и на тој начин ќе се носи во депонијата Дрисла.
Општината купи и плац за претоварната станица на патот кон селото Требош, се направи ограда и бетонска рампа и тука застанаа работите. Иако се најавуваше дека рампата ќе биде ставена во функција на почетокот на април, па потоа во мај, на неа по се изгледа ќе се чека уште еден подолг период.
„Од Хрватска чекаме да ни пристигнат пет големи контејнери во кои ќе се пресува сметот, кој претходно ќе биде селектиран. Сѐ уште немаме информација зошто доцни испораката но веруваме дека опремата ќе пристигне за петнаесетина дена“, нѝ изјави директорот на ЈПК Тетово Џалал Цека.
И додека се чека опремата, сметот се натрупува. Се фрла тука сѐ и сешто, па дури и остатоци од заклани животни. Тоа, пак, освен што создава неподнослива миризба која се шири сѐ до куќите и зградите на влезот во градот, преставува и голема опасност од избивање на зараза.
„Минатиот градоначалник на Тетово Сади Беџети целиот свој мандат се бореше и нѐ убедуваше дека ќе га расчисти дивата депонија која тогаш беше кај железничката станица. Ја расчисти пред самиот крај на мандатот, но тоа не му помигна повторно да победи на изборите. Сегашната градоначалничка Теута Арифи исто така од почетокот на нејзиниот мандат нѐ убедува дека брзо ќе се реши прашањето со дивата депонија но и таа неуспешно го решава проблемот полни четири години. Еве идат нови локални избори и повторно политичарите ќе нé убедуваат дека тие сигурно ќе ја исчистат депонијата само ако гласаме за нив. А дали да им веруваме се прашувам?“, вели Јашар Р. кој живее на стотина метри од оваа дива депонија.
З. АНДОНОВ