ДО ТОЛКУ НЕМА КОЈ ДА РАБОТИ ВО ЗООЛОШКАТА ГРАДИНА ВО БИТОЛА ШТО ФУНКЦИЈАТА В.Д. ДИРЕКТОР ЈА ОБАВУВА МАГАЦИОНЕРОТ, РЕЧЕ ИЛИЕВСКА

    ДО ТОЛКУ НЕМА КОЈ ДА РАБОТИ ВО ЗООЛОШКАТА ГРАДИНА ВО БИТОЛА ШТО ФУНКЦИЈАТА В.Д. ДИРЕКТОР ЈА ОБАВУВА МАГАЦИОНЕРОТ, РЕЧЕ ИЛИЕВСКАЗоолошката кубури со неопходен кадар за грижа за животните бидејќи 15 години нема вработувања и пополнување на испразнетите работни места.(Фото: СДК.МК)

    Магационерот во битолската Зоолошка градина ја обавува фуницијата в.д. директор оти нема кој. Зоолошката кубури со неопходен кадар за грижа за животните бидејќи 15 години нема вработувања и пополнување на испразнетите работни места.

    За состојбите во Зоолошката се дискутираше на денешната седница на Советот откако в.д.директорот Јане Гилевски кој минатата недела на Комисија за финансии и буџет се пожали дека институцијата е пред распаѓање и дека под итно им се потребни 20 вработувања.

    „Во Собранието имаме 5 пратеници од Битола, 4 од нив излегоа од советничките клупи. Многу добро паметам како дел од нив стануваа на говорница и беа загрижени за градината, но го поминаа Плетвар и веќе имаат заборавено дека има Зоолошка во Битола. Ги повикувам сите 5 пратеници кои се од Битола да се сетат дека имаме прво атракција која не смееме да дозволиме да пропадне и второ македонската јавност да знае дека нема кој да работи, па замислете во моментов функцијата в.д. директор ја извршува магационерот во Зоолошката“, рече Габриела Илиевска, претседателка на Советот на Општина Битола.

    По нејзино барање беше ставена точка на дневен ред Советот да достави заклучок до Владата на првата следна владина седница да се расправа за состојбата на зоолошката градина во Битола.

    Зоолошката градина во Битола постои 74 години, а дел од ингеренциите се под капата на Министерството за култура. Во моментов за околу 300 животни и птици се грижат само десетина вработени.

    В.д, директорот Јане Гилевски на одржаната Комисија за финансии и буџет побара согласност од Советот за планот за вработување за 2025 година каде бараат раководител на Одделение за административни, општи и правни работи, помлад соработник на човечки ресурси, архивар, контролор на билети, портир, пожарникар, хигиеничар, хаусмајстор, референт, книговодител, стручен соработник, ветеринарен лекар, контролор на храна, ветеринарен техничар, зоо негувател, хортикултурен техничар, водич, самостоен зоо негувател, продавач на билети, магационер.

    „Нема билетар, магационер, нема ни кој да ги пречека посетителите. Немаме вработувања 15 години, а имаше пензионирања, па бројот на вработени е намален. Не може Зоолошката градина вака да функционира. Останати се само 10 луѓе, не можеме смените да ги составиме за работа“, рече Гилевски.

    Ж.ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира