ТРГНАТА ЗАШТИТАТА НА ТРИУМФАЛНАТА ПОРТА, ОПШТИНА ЦЕНТАР СЕГА МОЖЕ ДА ЈА ИЗБРИШЕ ОД ПЛАНОТ „МАЛ РИНГ“

    ТРГНАТА ЗАШТИТАТА НА ТРИУМФАЛНАТА ПОРТА, ОПШТИНА ЦЕНТАР СЕГА МОЖЕ ДА ЈА ИЗБРИШЕ ОД ПЛАНОТ „МАЛ РИНГ“Од Општина Центар велат ова е прв чекор за да може маркичката да биде избришана од планот како што бараат Градот и Владата. (Фото: К. Попов)

    Министерството за култура ја тргна заштитата на Порта Македонија, со што објектот веќе не е заштитен споменик. Општина Центар добила насоки од Министерството за стопирање на постапката за изработка на новиот Детален урбанистички план (ДУП) „Мал ринг“ бидејќи се во процедурата на изработка на нови конзерваторски основи со кои Портата веќе не е заштитен споменик.

    „Ова е првиот чекор за решавање на проблемот со оглед на тоа дека голем број од анкетните листови се однесуваа токму на Портата. Со тоа ќе може да се избрише маркичката на споменикот што е всушност барање на повеќе институции меѓу кои и Град Скопје и Владата“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Општина Центар.

    Поради симнување на заштитата на Портата планот „Мал ринг“ ќе биде вратен повторно на почетокот односно на јавна анкета. Од Општина Центар велат дека очекуваат во меѓувреме да се решат прашањата и за дивоградбата на Плоштадот Македонија односно споменикот на Мајка Тереза за да може и тој да се избрше од планот.

    „Ние постапивме по барањата на Работната група за проектот ‘Скопје 2014‘ кои се однесуваат на спомениците во центарот на градот. Тие сега се наведени во планот и по нив ќе може да се постапува со поединечки акти“, велат од Општината.

    И покрај тоа што мораториумот за градба веќе не е на сила откако беше поништен од Уставен суд од Општина Центар велат дека не се откажуваат од ревидирањето на лошите планови донесени од претходното раководство. Веруваат дека до крајот на мандатот на градоначалникот Саша Богдановиќ, ќе бидат донесени повеќе ДУП-ви меѓу кои и оној за „Мал ринг“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира