ТРИ ДЕЦА ЗАРАЗЕНИ СО ГОЛЕМА КАШЛИЦА ВО КУМАНОВО, СИТЕ СЕ НЕВАКЦИНИРАНИ

    ТРИ ДЕЦА ЗАРАЗЕНИ СО ГОЛЕМА КАШЛИЦА ВО КУМАНОВО, СИТЕ СЕ НЕВАКЦИНИРАНИОпфатот на вакцинирани деца во Општина Куманово е околу 70 отсто, а за целосна заштита потребно е процентот да е над 90. (Фото: СДК.МК)

    Три деца од Куманово се заразени од голема кашлица, потврди Центарот за јавно здравје во Куманово. Децата се на возраст од четири години, 18 месеци и 13 месеци. Во сите три случаи децата се невакцинирани, вели д-р Едита Рамизи, епидемиолог во Центарот за јавно здравје Куманово, и апелира до родителите да не ја избегнуваат имунизацијата на децата, бидејќи тоа е единствената заштита да не дојде до компликации.

    „Едното дете е од градот, а две се братчиња од кумановска населба. Сите се лабораториски потврдени. 13-месечно дете е пријавено од приватна клиника од Скопје, 18-месечно дете од Институтот за белодробно заболување во Козле, а најстарото е пријавено од матичен лекар и е на домашно лекување. Сите деца се во изолација и се следат протоколите за заштита од заразни болести. Направена е комуникација со нивните семејства и контактите, по што се преземени сите мерки од наша страна“, вели д-р Рамизи.

    Децата не оделе во градинка.

    Опфатот на вакцинирани деца во Општина Куманово е околу 70 отсто, а за целосна заштита потребно е процентот да е над 90.

    Од Здравствениот дом, Одделот за вакцинација во Куманово потврдуваат дека опфатот со вакцинација против голема кашлица е незадоволителен. Тие ги повикуваат родителите на невакцинирани деца по медиумите и по телефон да се јават кај нив, а од следната недела вакциналниот пункт ќе започне да работи во две смени до 19 часот, за да услугата биде достапна и на вработените родители.

    Комисијата за заразни болести даде препорака за прогласување на епидемија на голема кашлица во Скопје, бидејќи на територијата на државата има 22 потврдени случаи, од кои 14 во Скопје,  другите се во внатрешноста, а три се од Куманово.

    Куманово, заедно со Струмица, има најмал процент на вакцинирани деца во државата.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира