ТРИ ГОДИНИ ПО РУШЕЊЕТО ОХРИДСКИТЕ ПЛАЖИ ПОВТОРНО ЌЕ СЕ УРЕДУВААТ, СПОРЕД ЈАВНИОТ ПОВИК ШАНКОВИТЕ МОРА ДА СЕ ОД ДРВО

    ТРИ ГОДИНИ ПО РУШЕЊЕТО ОХРИДСКИТЕ ПЛАЖИ ПОВТОРНО ЌЕ СЕ УРЕДУВААТ, СПОРЕД ЈАВНИОТ ПОВИК ШАНКОВИТЕ МОРА ДА СЕ ОД ДРВОСпоред условите во јавниот повик, шанковите кои ќе се поставуваат треба да бидат лесно монтажно-демонтажни и изработени од природни материјали, дрво или имитација на дрво. - Платформа во Охрид (Фото: СДК.МК)

    Четиринаесет охридски плажи, меѓу и кои и најатрактивните, летово повторно ќе бидат уредени откако пред три години беа затворени поради истечените договори за концесија, а на дел од нив се рушеа платформите кои нелегално беа поставени во водите на Охридското езеро.

    Општина Охрид распиша јавен оглас за поставување урбана опрема –покриени и непокриени шанкови на одредени локации со кои закупците ќе стопанисуваат наредните три години. Уредувањето е според Програмата за измена и дополнување на Годишната програма за поставување урбана опрема во општина Охрид за 2023 година.

    Според условите дадени во јавниот повик шанковите кои ќе се поставуваат треба да бидат лесно монтажно-демонтажни и изработени од природни материјали, дрво или имитација на дрво, кои ќе се вклопат во околината, без притоа да се наруши основната намена на просторот и безбедноста на сообраќајот.

    Почетната цена за најатрактивните плажи е 720 000 денари ( 11 000 евра). Според најавите плажите ќе бидат уредени и ќе почнат со работа најдоцна до 20 јуни.

    Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков претходно изјави дека Охрид не смее да помине уште една сезона без уредени плажи оти Агенцијата за просторно планирање сѐ уште го нема донесено Планот за управување со Охридското крајбрежје кој треба да покаже, на кои места би можело да има уредени плажи.

    „Таа задача беше на државата, односно на Агенцијата за просторно планирање заедно со Министерството за транспорт и врски. Ако чекам да има уште пет години да има неуредени плажи, тогаш сум неодговорен градоначалник на Охрид. Јас повеќе како градоначалник не можам да дозволам, да нема уредување на плажите“, рече Пецаков.

    Од Локалната велат дека поставувањето на урбаната опрема, шанкови, маси и столици, ќе биде на површина од 150 до 400 квадрати во зависност од големината на плажата.

    Во Струга пак, како што најави градоначалникот Рамиз Мерко, покрај постоечките кои во 2021 година се спасија од уривање, ќе има и нови, уредени и современи плажи, оти туризмот, според него не смее да трпи.

    „Има дополнителни места кои ќе бидат плажи. Мислам дека во целост сите плажи ќе бидат во функција за гостите кои ќе дојдат во Струга за летните одмори. Имаме направено добра понуда“, вели Мерко.

    Мерко смета дека објектите на плажите во Струга не се дивоградби.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира